Ковид-19 предизвика масовна посетеност на Тиквешкото Езеро (репортажа)


Пандемијата на Ковид-19 предизвика голем број домашни туристи да останат во земјава. Масовно е посетено Тиквешко Езеро, од кавадарчани како локални жители, но и од посетители од целата држава. Крсте Соколов, раководител на Одделение за угостителство и туризам при Општина Кавадарци за МИА потврди дека зголемен е и интересот на сопствениците на сместувачки капацитети покрај езерото, да ги издаваат на туристи.

-Претходно имало интерес за езерото, но луѓето едноставно не знаеле што можат таму да очекуваат. Полошкиот манастир оваа година можеби добива експанзија на интерес. Во историјата на Кавадарци, не се случило да има толку многу домашни посетители. Во суштина, ако беше се нормално, немаше да има толку голем интерес за Тиквешко Езеро. Тој процес на вистинско откривање на езерските убавини ќе одеше многу години. Сега тој процес се забрза. Впрочем, целата оваа ситуација со вирусот, придонесе да се истражи не само Тиквешко, туку и останатите богатства во нашата земја, нагласи Соколов.

А крај езерото, од речиси дрвени шупи, преку вили, дворци, до цели хациенди и своевидни сараи.

Цените за сместување зависат од понудата и побарувачката, условите што се нудат. Тие се движат од 500 денари за кревет дневно, без јадење, до 4.000 денари. Двокреветна соба може да се изнајми по цена од 3.000 денари за ден.

 

-Претпоставувам дека догодина уште повеќе ќе одат работите во позитивна насока. Затоа што љубителите на природата веќе го знаат Тиквешко и сакаат повторно и повторно да дојдат. Тие што доаѓаат кај нас најмногу се интересираат за сместување и се распрашуваат околу тоа што се можат да видат во Кавадарци и околината. Можам да кажам дека туризмот е гранка која на овој простор од скоро започна да се развива, пред тоа не се обрнувало толку внимание на овој сектор. Годинава првпат почнаа да се регистрираат мали семејни винарии, што е, исто така, позитивна работа. Веќе е регистриран интерес за нивна посета и дегустација на вина. Со оглед на ситуацијата со вирусот, тој интерес се зголемува. Винскиот туризам станува се поинтересен за македонските туристи, додаде Соколов.

Тиквешкото Езеро е атрактивно и за спортските риболовци кои доаѓаат од разни краеви на државата. Езерото нуди богат фонд на риба. Ако се движите по езерото со чамец, имате можност да набљудувате повеќе видови ендемски видови птици.

-Преку интернет 3Д презентација, Кавадарци му ги нуди на светот своите убавини. Природни, културни, историски. Се подготвува веб-страница за туризам, „Посети го Кавадарци“. Во изработка е мобилна апликација и со еден клик, туристот ќе може да се информира за сместувачки капацитети, настани и манифестации, други интересни содржини кои треба да го заинтересираат, од мноштвото туристички дестинации на туристичката мапа, да се избере токму Кавадаречко како регион, познат по квалитетни вина и езерска риба. Со виртуелна прошетка и ставање на дланка на сите богатства, полека, но сигурно одиме кон врвот на листата на македонски општини, во однос на промоција на потенцијалите за туризам кои ги нудат, дециден беше мојот соговорник.

И покрај сево ова, Соколов кажа дека се уште постојат одредени нејаснотии кај посетителите од земјава, кога е во прашање функцијата на туристичкото информативно биро, смесетно на кавадаречкиот градски плоштад. Тоа постои околу две години.

-Туристичките информативни бироа се реткост во државата. Странците ја знаат нивната улога и со самото влегување во градот, автоматски доаѓаат кај нас и се интересираат околу тоа што можат да посетат и да видат, да доживеат. Значи прво кај нас, па во обиколка. За жал, се уште има многу домашни посетители кои не ја разбираат суштината на овие бироа. Тие се однесуваат обратно. Прво сами се шетаат низ регионот, па доаѓаат во градот кафе да пијат и кај нас да се информираат. А има и такви кои се чудат кога слушаат дека ете постои и такво биро. Преку непосреден контакт, им помагаме на луѓето да стигнат побрзо и поквалитетно до саканата дестинација, без да лутаат, појасни Соколов.

Тој кажа исто така дека се бара кревет повеќе во приватни објекти. Тоа го зголемило интересот за нивна категоризација, со цел во иднина да се најдат на туристичката мапа на Кавадарци. Организирани биле и тури за посета на Тиквешко, од страна на туристички агенции.

Ги напуштаат градовите и се населуваат крај Тиквешко

При мојата прошетка низ Тиквешко Езеро, сретнав повеќе луѓе од разни краеви, кои привлечени од мирниот живот и природата околу езерото, решиле да станат постојани жители тука. За разлика од многумина кои копнеат по живот во главниот град, има и скопјани кои го го напуштиле бетонот и асфалтот на метрополата и живеат на Тиквешкото Езеро.

 

-Езерото го открив како рибар. Рибари сме сите. Јас, жената, децата. Ми се допадна и затоа изградив куќа тука. На синовите им го оставив бизнисот и се закотвив крај езерото. Сакам во иднина годините колку и да се, тука да ги поминам. Тука е рај. Си имаме градина која ја обработуваме. Не ни е жал за Скопје и кога треба да се оди како сега по документи, се убедуваме со жената кој да оди. Ние постарите одлучивме да живееме овде, а помладите да доаѓаат повремено. Така ќе бидеме и помили оти станува збор за разлика во генерации, па добро е да ги оставиме малку на мира. Што да кажам, во Скопје одам само за слави, свадби. Езерото е прекрасно не само за рибари, туку и за сите вљубеници во природата. Си одиме на кафе со соседите, мора да се дружиме, кога веќе сме тука постојано. Не сме близу, ама како за на езеро, близу сме. Со чамец си одиме на кафе. И се додека е така, се додека се оди само со чамец до најголемиот дел од викендичките, ќе биде атрактивно. Ќе се изгуби магијата ако направат пат околу езерото, ми рече еден од нив.

Тој кажа дека неговата викендичка е на 15 минути пловење со чамец од Полошкиот манастир. Околу еден час и 25 минути плови со својот чамец од приодот до езерото до таму. Купил нов мотор со повеќе „коњи“, па ќе му биде полесно.

Ми потврди дека рибарите се фалат со своите приказни, но и дека тиквешките сомови понекогаш може и да ги исплашат риболовците оти, како што рече, може да бидат и многу големи. Тој ги вика тиквешки ајкули. Тие се заштитен знак на езерото.

Снимени 118 птичји песни

Природната ризница на земјава во минатото се промовираше само од уста на уста, иако луѓето што го знаат птичјиот јазик сонуваат за добро развиена туристичка понуда. Нашата држава има и до десетпати побогата понуда за орнитолошки туризам од соседните земји, но треба да го промовира тоа свое природно богатство и да обезбеди услови за привлекување туристи чија пасија е набљудувањето на птиците.

Ова ми го кажа претседателот на Фондот за заштита на дивата флора и фауна со седиште во Кавадарци, Томе Лисичанец, додека со група љубители на природата пловевме по езерото. Но, иако недоволно промовирана во изминатиот период, македонската природна ризница не останала незабележана. Вљубениците во птиците ја откриле нашата земја како царство на орнитолошкиот свет. Доаѓале, престојувале и по неколку дена овде. Задоволни од тоа што го виделе, им раскажувале на свои блиски, па и тие доаѓале. Лисичанец се согласува дека индиректната реклама од уста на уста е најдобра.

Пензионираниот професор кој има 85 години, вели дека не му е тешко да им биде своевиден туристички водич на авантуристите.

– За тешко не ми е, оти ми се чини дека сега го доживувам она што целиот живот го посакував. Џипови, глисери, телескопи двогледи, фотоапарати. Придружен со луѓе кои на сличен начин ја доживуваат природата. Да се кампува во шатори некаде далеку во дивината. Како на „Дискавери“. Една мудра мисла вели, најдете си професија што ја сакате и цел живот ќе уживате. Работата нема да ви претставува напор,  рече Лисичанец.

Раскажа дека странци утврдиле и снимиле 118 песни на птици-пејачки крај Тиквешко Езеро, 180 видови птици. Недопрена природа. Лисичанец сонува орнитолошкиот туризам на македонско тло еден ден да стане стварност. Да се вработат луѓе кои ќе ја познаваат природата и територијата и да чувствуваат каде да го однесат гостинот, во зависност од неговиот интерес. Да имаат нерв за туризам. Да изникнат комплекси како во соседството, со сместувачки капацитети и предавални во кои се проектираат филмови. Да се организира настава во природа за ученици и студенти. Тоа е големо доживување за оние кои живеат во големи градови и кои освен згради и асфалт не виделе ништо друго, нагласи овој пријател на птиците, кој децении од животот, заедно со своето семејство, им посвети на ретките птици грабливки.

Трагаат по сомови џинови

Тиквешкото Езеро, до пред неколку години најголемо акумулационо езеро во државата, отсекогаш било најмистичното езерско пространство во државата. Ако некогаш мистеријата ја правеа вистината за удавените сватови кои оделе по невеста преку езерската шир и кажувањата за големи мистериозни дупки на дното од езерото, настанати откако поранешните долишта се наполниле со вода од вештачката акумулација, денес вниманието на авантуристите го привлекуваат сознанијата за присуство на сомови и до 300 килограми, долги и над два метри во езерото. Во потрага по таа вистина, одлучив да ги „поминам“ триесетте километри од должината на „Тиквешко“ со глисер.

– Нуркачи кажуваат дека навистина во езерото има сомови капиталци. Јас сум спортски риболовец и не верувам дека со трска би можел да фатам сом од 300 килограми, ама би сакал да уловам барем еден од педесетина килограми. Нормално дека очекувам еден таков улов, нема човек што не сака да улови што поголема риба, ни рече еден од рибарите.

Според концесионерот Аце Митев од „Селекта“, стручни екипи кои со посебна апаратура го набљудувале животинскиот свет во езерото, потврдиле дека во него навистина има и сомови, своевидни џинови. На некои места буквално вриело од сомови.

– Со трска обичен рибар може да улови до педесетина килограми. Потежок сом може да се фати само со струк ама за тоа треба да се има посебна дозвола за стопански риболов. Но, греота е, а и не е дозволено во комерцијални цели да се ловат сомови капиталци. Оти тие даваат огромен број на подмладок и најдобро е ако се фати, да се фотографира и повторно да се пушти во езерото, објасни Митев.

Најголемите сомови живеат на местото каде што реката Црна се влева во езерото, но и на другиот крај, кај браната на хидроцентралата „Тиквеш“. На длабочина до стотина метри. Но, за да се уловат, било потребна посебна опрема. На Тиквешко рибарат и жени и тоа некогаш подобро дури и од мажите. Една жена вели дека и е криво што за некои луѓе Тиквешко се уште важи само како диво место каде што има само пусти карпи и змии и дека таму не е убаво ами опасно. Дека е тука дивиот Запад.

– На сите им порачуваме да дојдат и да видат колку е тука убаво. Преубаво е овде, прекрасна убавина. Згора на тоа ние веруваме дека оваа вода овде  е лековита, има висок процент на јод, богата е со алги и лечи рани. Водата снижува притисок и шеќер, лечи синуси, вели таа.

Наспроти нивната викендичка е една од најголемите атракции на езерото која човек не смее да не ја види ако оди на Тиквешко. Имено, самата карпа е во форма на легната девојка. Убаво се разликуваат главата, носот, градате, стомакот на девојката. Глетката е прекрасна. Како впрочем и езерската вода, карпите во кои гнездат ретки птици грабливки, романтичните колиби на брегот, луксузните вили со базени. На Тиквешко има над две илјади викендички. Во нив викендуваат, но и постојано живеат, луѓе не само тиквешани, ами и од други региони на земјава. Дел од нив се пофалија дека имаат септички јами и дека не ги исфрлаат фекалиите во езерото. Со чамец си одат на кафе. Сите имаат градини посадени со здрава храна.