Ковачевски: Ја преземам одговорноста за сите грешки и успеси на Владата


„Ако некој добро знае што зборуваат граѓаните, тогаш тоа сум јас. Точно знам дека граѓаните се незадоволни од дел од работите што се случуваа изминатиот период во однос на цените, владеењето на правото, борбата со корупцијата. Можам да кажам дека ако некој е одговорен за тоа, со оглед дека јас бев две години премиер, тогаш јас сум одговорен и ја земам одговорноста и за грешките и за успесите“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за „Фронтлајн“.

ој додаде дека во овие два и пол месеци, откако не е веќе премиер, има голем број на партиски активности и секојдневно е на средби со граѓаните.

„Граѓаните се изморени од процесот на европска интеграција, понекогаш и јас го чувствувам тоа, но тоа е единствениот процес кој во државата може да донесе позитивни промени. Заради тоа знам дека граѓаните ќе изберат опција на изборите која ја предводиме СДСМ и Коалицијата за европска иднина и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски“, рече Ковачевски.

Околу приведувањето на новинарот Фуркан Салиу Ковачевски рече дека напад на новинар сега е напад на службено лице.

„Ние седум години немавме меѓуетнички тензии во државата. Седум години немаме никаква пресија врз медиумите, ние ги сменивме сите закони за заштита на правата и слободата на медиумите и новинарите. Напад на новинар сега е напад на службено лице“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека изминатите седум години немало ни една тужба од Владата према новинар, иако претходно имаше по 200 тужби кои новинарите ги губеа.