Костадиновска-Стојчевска до Љутков: Зошто навреме не ги пресметавте платите за вработените?
Зборувате за долгови, а кажете ми ги имавте на завршна сметка? Не., му рече денес во Собранието, Костадиновска-Стојчевска на Љутков

Пратеничката на СДСМ и ексминистерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за култура Зоран Љутков, кое се однесуваше на неисплатените плати, непочитувањето на колективниот договор за исплата на платите на културните работници .
„Министре, ова ќе биде мое прво и последно прашање до вас, затоа што знам дека ги слушате реакциите – не од мојата партија или пратеничка група, туку од сите. Претпоставувам дека беше многу лесно од партиска говорница да се напаѓа и да се измислува, а сега да се кажува нешто сосем друго, соочен со реалноста и вистината.
Кажавте дека сте биле член на СКРМ во време на потпишувањето на колективниот договор, и јас очекувам – бидејќи вие секогаш сакате правда и исправување на криминал – дека, ако нешто било незаконско во тој колективен договор, требало да реагирате и да укажете, како што денес тврдите. Сакам да знам дали и зошто сега го напаѓате колективниот договор. Дали планирате да го промените членот 65 од истиот колективен договор? Во завршната одредба на овој колективен договор стои дека тој останува во важност до моментот на потпишување на нов колективен договор. Значи, тој е важечки според сите одредби. И вие знаете дека секогаш со мартовската плата во културата се прави усогласување со минималната плата, откако таа започна да расте. И токму моето прашање до вас: зошто не ги направивте новите решенија на време? Зошто урнек-решенијата се испратени на 10 април до установите, знаејќи дека имате безмалку околу 100 културни установи – 49 под Министерство за култура и 49 под локална самоуправа? И зошто дури на 10 април се добиени тие урнек-решенија и не се потпишани од тој што ги изработува? Дали не бевте во државата? Дали во Министерството за култура ова е времето кога се користат ланските одмори, па сега немате таму помош? Или имавте некоја друга намера?“
„Можеби вас ќе ви биде прв и последен пат што поставувате прашање, ама јас постојано ќе ве потсетувам за поморот кој го оставивте во културата. Никогаш не сум рекол, иако сум бил и член на СКРМ, дека овој колективен договор е незаконски. Секогаш сум кажувал дека овој колективен договор нема поддршка од Министерството за финансии. Го потпишал министер кој поима немал што потпишува и не знаел дека ќе нѐ донесе до момент да земаме 90 отсто плати, 10 отсто програмски активности.Кога немате поддршка од Министерството за финансии, тоа значи дека средствата треба да се обезбедуваат од сопствениот буџет. Не е точно дека сме почнале да правиме посебни решенија, па не сме успеале да ги донесеме платите затоа што јас сум бил на пат. Јас бев во Македонија кога требаше да се решава овој проблем. Јас не сум како вас, да одам во Стразбур во време на најголемата несреќа што се случи во државата. Свесен сум дека не ги дадовме платите пред Велигден, но конечно го решивме проблемот. Конечно направивме пресметка, која што е достојна и која што е законска. Успеавме за неполн месец дена да се собереме, да направиме работна група и да направиме добра проценка како треба да изгледа овој колективен договор и исплатата на пари, со согласност од Министерство за финансии, конечно после четири години, додаде министерот, рече Љутков.
Тој рече дека претходно се крателе пари од програми, за да има за плати.
„За првпат не скративме од програмските активности, а институциите продолжија да работат, првпат по потпишување на колективниот договор. И во 2025 година го предвидовме истото, по оваа пресметка, нема да се крати од програмите и ќе има плус од 40 отсто во некои институции. Кога некој ги решава проблемите, тоа не ви се допаѓа, оти по седум години првпат почнавме со реформи. Вие бевте министерката која нѐ направи загубари. Фелата не коментираше за ништо друго, вие од партиска говорница коментиравте. За поединците и неработниците нема да зборувам. Кога почнуваме да работиме за вас има проблем“, додаде Љутков и најави нов колективен договор.
Реплицираше Костадиновска-Стојчевска.
„Нема да одговарам на вашите навреди, ги слушнавте реакциите. И рековте на Сања дека ‘дрндупка e културата’. На ребаланс парите кои ги добивте за инспекторатот за македонски јазик не ги употребивте, џабе имате директорка. Лани ја имавте најголемата програма и ја завршивте годината, и со мојот буџет ја завршивте годината. Мило ми е што од вас слушнав, тој што го потпишал не знаел што потпишува, на штета е на културата и е недоречен. Зборувате за долгови, а кажете ми ги имавте на завршна сметка? Не. Од програма никогаш не се кратело во култура. Можете да споредите. Вие на сам почеток рековте дека културата треба да e институционална, дека независната сцена треба да биде тргната настрана. Ако за вас најголема реформа е продажбата на културното наследство, жалам!“, рече таа.
Поради доцнење со исплатата за месец март, Синдикатот на културата (СКРМ) претходно одржа протестен совет пред Министерството за култура. Меѓу другото, на советот претставниците на Синдикатот побараа достоинствени услови за работа, почитување на колективните договори, транспарентност и професионално управување со културните институции, стратегија за развој на културата, како и Закон за култура со учество на културните работници во нивно изготвување.
Поддршка на СКРМ и на културните работници дадоа и од Сојузот на синдикатите на Македонија. Претседателот на СОНК Јаким Неделков го повика на средба ресорниот министер Зоран Љутков, во спротивно, како што рече, на седница на Советот ќе се одлучува за идните чекори и оти не е исклучена и одлука за штрајк поради доцнењето на платата и непочитувањето на законот и на колективните договори.