Коста Петров пак е хит автор: „Сè што би сакал да знаев порано“ е мојата шеста книга а имам чувство како да ми е прва
Центарот на Скопје синоќа кај Филхармонија беше преполна со гости – не беше предизборен митинг туку, Коста Петров, еден од најпродаваните автори кај нас, ја промовираше шестата книга „Сè што би сакал да знаев порано“, но и за прв пат- детска сликовница „ЈАС и ТИ: Како ЈАС стана суперхерој“, во издание на „Три“.

„Сè што би сакал да знаев порано“ е мојата шеста книга а некако имам чувство како да ми е прва. Книгата е за најважниот разговор во нашите животи, а тоа е разговорот со детето во нас. Ова е разговор за сите верувања, за сите грешки, за сите одлуки но и за товарот што детето го носи со себе. Многу доцна во животот сфатив дека многу од работите што сум ги правел во животот сум ги правел да го задоволам детето во мене и можеби затоа никогаш вистински не научив да уживам во сопствените успеси. И сега, на прагот на мојот 40ти роденден, сфатив дека е крајно време да се одврзам од стегите на минатото и да почнам да го живеам животото, тука, во сегашноста, вели Петров.

Што е тоа што би сакал да го знаев порано?
– Многу работи, но животот најверојатно ни ги дава лекциите тогаш кога најмногу ни се потребни. Можеби најважната лекција е да бидеме добри кон себе. Голем дел од животот го поминав во самоказнување и сфатив дека никогаш нема да бидам вистински добар со никого ако не сум добар со себе. Истото важи и за самољубовта. Многу ми беше лесно на сите да им кажам дека ги сакам и дека ми значат но најтешко беше тоа да си го кажам самиот на себе. Никој не не учи на овие работи но најверојатно тоа е и суштината. Животот не учи на тоа и секој од нас сам треба да ја научи таа лекција.
Една друга важна лекција е моќта на живеењето во сегашноста. Јас секогаш се радував на иднината и бев секогаш со една нога заглавен во минатото. Никогаш не се радував на овој миг, сега. Мислев дека таму некаде во иднината ме чека нешто поубаво, поголемо. Денес знам дека среќата е во малите нешта но и дека овој миг, сега, е се што имаме.

Што се однесува до детската сликовница, со години сакав да напишам детска сликовница но моите мисли секогаш биле прекомплицирани, па дури и конфузни, а за сликовница треба да имаш јасна и чиста мисла. Но најверојатно за се треба да дојде вистинскиот момент во животот, така и со сликовницата. Едно утро се разбудив во 4 часот наутро и за 20тина минути ја напишав приказната за ЈАС и ТИ а Љупка Стојкова направи одлични илустрации што совршено ја отсликуваат приказната за суперхеројот што живее во секој од нас, вели авторот кој синоќа беше расположен да дели тона автограми.

Петров кој е е интернационално докажан претпримач, автор и мотивациски говорник ширум светот е автор на пет книги и со над 50.000 продадени примероци, што го прави еден од најпродаваните македонски автори во последните десет години.