Косово доби свое „косово“

Може Курти да се повикува на што сака, но ова што го провоцира во континуитет во однос на српските права во Косово е враќање на дивјачките методи во политиката на Балканот


Косовскиот премиер Албин Курти дефинитивно го изгуби кредибилитетот кај меѓународната заедница и кај соседите. Ова што се случува во српските општини изминатите два дена, каде што Курти со борни коли, со пукање и со солзавец се обидува да се пресмета со цивилното српско население, не се разликува ни милиметар од тоа што се обиде да го направи Слободан Милошевиќ во деведесетите, кога сакаше место со давање права – со сила да го задржи Косово во границите на Србија.

Деновиве Курти се обидува со сила место со концесии и градење доверба да ги задржи териториите населени со српско население на Косово, станувајќи симбол на транзицијата на оваа држава – од жртва во воен агресор. Може Курти да се повикува на што сака, но ова што го провоцира во континуитет во однос на српските права во Косово е враќање на дивјачките методи во политиката на Балканот, нешто што мислевме дека заврши одамна во регионот.

Не му се виновни Србите на Курти што дојде на власт кога важат други правила во политиката и кога никој во светот не гледа ништо разумно во одговарањето со борни коли и со специјалци на протестите во српските општини, бидејќи жителите таму не ги признаваат новоизбраните градоначалници, на кои патем никој не би им признал легитимитет со излезност од само 3,47 отсто на избори. Како лидер кој дојде на власт со насилство (политички се наметна со фрлањето димни бомби во косовскиот парламент) очигледно верува дека на тој начин ќе го реши и спорот со Србите во државата, иако сите меѓународни партнери, вклучувајќи ги САД, ЕУ и НАТО му порачуваат да ретерира, да се откаже од употреба на војската и полицијата и да си ги врати градоначалниците што никој не ги сака во општините.

Откако меѓународната заедница го проголта провоцирањето со регистерските таблички, ова е втор обид на Курти надвор од дијалогот и од договореното да ги ескалира тензиите до раб на можна војна, за да ја наметне својата политичка волја врз Србите во Косово. Сите што се разбираат малку од политика ќе му кажат дека така Србија го загуби Косово, а така на долг рок и тој ќе го загуби Северно Косово и дека, ако продолжи да оди контра ставовите на меѓународната заедница, ќе ја загрози стабилноста и на сопствената држава. Никој нормален во светот нема да биде соучесник во пукање врз цивилно население колку и да бидат екстремисти, според тврдењата на косовскиот премиер. Поддршка околу оваа авантура му откажа дури и албанскиот премиер Еди Рама, а индиректно од методот што го одбра се огради и нашиот шеф на дипломатијата Бујар Османи во својство на претседавач на ОБСЕ. 

Практично, додека ние сѐ уште живееме со славата од Охридскиот договор за Косово што беше  потпишан во Македонија, Курти гази по основните точки договорени со него, бидејќи сака да ја избегне најсериозната обврска – да почне да го имплементира барањето за Заедницата на српски општини, без која Србите никогаш нема да се согласат да останат во таа држава. Ако Косово доби право на самоопределување само затоа што 90 отсто од неговото население не сакаше да биде дел од Србија, сакал да го види тоа или не, Курти мора да им даде суштински права на Србите за да се чувствуваат како свои и добродојдени во државата. Иако со резолуцијата 1244 на Србија ѝ беше гарантирано правото на суверенитет над Косово, со обврска за статусот да се решава подоцна, со Бриселската спогодба од 2013 година Србија се согласи да не го блокира независниот пат на Приштина – ако таа им даде на Србите автономија. Таа обврска Приштина упорно ја игнорира, а Курти сега испитува 15 европски модели во надеж дека ќе најде форма како да ја изигра автономијата, иако се однесува само на економски, образовни, урбанистички и развојни прашања, што е минимум за секоја локална самоуправа.

Ако сака Курти решение треба да престане да ја засмејува јавноста со тврдењата дека градоначалниците избрани со околу 50 гласови во српските општини – биле избрани на демократски начин. Ако сака да го реши спорот, треба да знае дека со борни коли, војска и полиција на долг рок само ќе ја изгуби поддршката на меѓународната заедница, а без неа може да го изгуби и северот на Косово.

Да е разумен политичар ќе знае дека неговата игра со нерви им пречи на сите во соседството, бидејќи сега сите сакаат да влезат во ЕУ, а не да се расправаат одново со прашања на стабилноста. Да е разумен политичар, а не популист ќе знае дека времето на таквите како него го оставивме на историјата и дека ако продолжи вака, ќе се покајат сите што ја признале независноста на неговата држава, бидејќи не е веќе решение во регионот туку станува проблем за стабилноста на соседството.

Со своите потези косовскиот премиер само покажа колку  може да уништи една неартикулирана политичка фигура од тоа што многу други умни и толерантни изградија со децении околу косовското прашање. Дури и со ореолот на автократ, српскиот претседател Александар Вучиќ сега делува како Нелсон Мандела во однос на нетолеранцијата што ја покажува косовскиот премиер. Притоа треба да е свесен дека има граница до која Србија ќе може да се воздржува околу нападите врз српското население, а меѓународната заедница ќе нема аргументи да се стави во негова заштита.  

Посетата на косовската претседателка Вјоса Османи, пак, на Македонија, која прогласуваше албански престолнини во нашата држава и демонстрираше етничка нетолеранција кон српското население, иако и него треба да го претставува, беше оценета во дипломатските кругови овде како демонстрација на тотално отсуство на политички осет. Ова што се случува во Приштина деновиве е резултат на таа етничка ароганција која почнува да се прелива од границите на нивната држава, во која не можат да истрпат ни пет отсто население што има спротивен став од нивниот. Ова ако не е аматеризам во политиката, тогаш не се знае што е.