Кошта: Време е за изградба на „Европа на одбраната“
Лидерите на ЕУ на неформалниот Самит на Унијата постигнаа напредок во дискусиите за изградба на „Европа на одбраната“, изјави доцна синоќа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по завршувањето на средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ што се одржа во Брисел.
– Се водиме од заедничко чувство на итност. Веќе не разговараме за „ако“, туку разговараме како да го направиме тоа, истакна Кошта, посочувајќи дека во дискусиите била потврдена цврстата посветеност на ЕУ на безбедноста на Украина и на постигнувањето сеопфатен, праведен и траен мир, како и решеноста да продолжи поддршката за земјата онолку долго колку што е потребно.
Кошта нагласи дека со дискусиите на Самитот лидерите им дале политички насоки на Европската комисија и на Советот на ЕУ за капацитетите, за финансирањето и за односите на ЕУ со НАТО, САД и Велика Британија при изработката на „Бела книга за одбраната“.
– Форматот на оваа средба ни овозможи да имаме искрена, отворена и слободна дискусија. Сега, дојде време да се направи избор и да се носат одлуки, додаде Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и полскиот премиер Доналд Туск, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
Кошта потенцира дека тековната војна во Украина, кибер и хибридните напади, ситуацијата на Блискиот Исток бараат силен европски пристап за да се осигура безбедност на сите европски граѓани и да се обезбеди мир во Европа.
– Изградбата на „Европа на одбраната“ е составен дел од овој проект, рече Кошта, додавајќи дека дискусиите на Самитот биле фокусирани на зголемување на капацитетите и финансирањето на одбраната и на партнерствата на ЕУ.
Според него, од средбата е упатена јасна порака дека зајакнувањето на европската одбранбена индустрија мора да биде во центарот на напорите за зголемување на капацитетите.
– Ние мора да произведеме повеќе од капацитетите што ни се потребни и да го направиме тоа побрзо, потенцира претседателот на Европскиот совет.
Кошта оцени дека земјите членки досега направиле доста за зголемување на трошоците за одбрана, при што во периодот од 2021 и 2024 година тие пораснале за 30 отсто.
– Мора да продолжиме во истата насока. Комисијата најави дека ќе ги разгледа флексибилноста во рамките на новите правила за економско управување, за да овозможи повеќе национални трошоци за одбраната, рече Кошта, додавајќи дека за потребите за финансирање на одбраната потребно е мобилизирање на повеќе приватни и јавни инвестиции.
Говорејќи за партнерствата на ЕУ во сферата на одбраната, Кошта потенцира дека од клучно значење за гарантирање на трансатлантска безбедност е стратешкото партнерство меѓу ЕУ и НАТО.
– Двете организации ќе продолжат да работат заедно и меѓусебно да се зајакнуваат, истакна Кошта, додавајќи дека со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој беше поканет на работниот ручек на Самитот, се согласиле дека посилна „Европа на одбраната“ го зајакнува и трансатлантското партнерство.
Кошта посочи и дека САД се пријател, сојузник и партнер на ЕУ и таа врска има длабоки корени и ќе издржи со текот на времето.
– Проблеми и разлики во ставовите може да се појават и меѓу пријателите. Кога ќе дојде до тоа, треба да им се обратиме, да разговараме и да најдеме решенија. Се разбира, дека при тоа ги браниме нашите вредности, ги поддржуваме нашите принципи и нема да ги загрозиме нашите сопствени интереси. Тие универзални вредности и принципи лежат во сржта на меѓународниот поредок што заедно со САД го градиме уште од Втората светска војна: национален суверенитет, територијален интегритет и неповредливост на границите, рече Кошта.
Осврнувајќи се на присуството на британскиот премиер Кир Стармер на работната вечера на Самитот, Кошта посочи дека во разговорите со него се потврдило дека има нова позитивна енергија во односите меѓу ЕУ и Велика Британија, која, како што нагласи, е природен партнер на Унијата.
Фон дер Лајен, од своја страна, истакна дека соработката со Велика Британија е посебно важна затоа што европската безбедност ги засега сите во Европа и тие што се во Европската Унија и тие надвор од неа.
Според неа, зајакнувањето на соработката во одбраната значи и продлабочување на партнерството на ЕУ со НАТО и европските земји партнери кои не се членки на ЕУ.
Таа оцени дека овој Самит бил организиран токму на време, во услови на реалните закани со кои се соочува Европа, кои растат и се јавуваат во разни форми – од руската агресија врз Украина, па до кибер заканите и нападите врз критична инфраструктура.
– Мора да се подготвиме и да одговориме на нив заедно, како Европејци. Мора да бидеме посилни во одбраната. На Европа во основа и треба бран во одбраната, рече Фон дер Лајен.
Во тој контекст таа ја нагласи потребата од зајакнување на европската одбранбена индустриска база, зголемување на трошоци и инвестициите за одбрана, поголемо јавно финансирање, зголемена флексибилноста на практиките за кредитирање, заеднички набавки за потребите на одбраната, поедноставување на законодавство и поттикнување на одбранбените иновации.
– Ако потрошиме милијарди и милијарди пари на даночните обврзници, ни треба поврат на инвестицијата во форма на зголемено знаење и нови работни места овде во Европа, истакна Фон дер Лајен.
Полскиот премиер Туск, пак, нагласи дека сите 27 земји членки на ЕУ на средбата ја нагласиле потребата од зајакнување на безбедноста на Европа и на солидарноста со Украина, но и со Данска во контекст на случувањата во последно време.
– Солидарноста со Данска е важна. Сите ние колективно и едногласно ја поддржавме Данска и сите сме свесни за последиците со кои може да се соочиме како заедница, изјави Туск, додавајќи дека тие изрази на солидарност не треба да останат само на зборови, туку и да се покажат на дело.
Тој посочи дека ЕУ се придржува на почитување на територијалниот интегритет на која било земја, а особено на нејзина членка, и ќе го брани тој принцип како заедница.
Нагласувајќи дека Полска е далеку пред сите европски земји во издвојувањата за потребите на одбраната на ниво од четири отсто од националниот БДП, Туск ја нагласи потребата од зголемување на финансирањето на одбраната и преземање на конкретни активности за зајакнување на одбранбените капацитети.
Во тој контекст, тој ја спомена и Иницијативата на Полска и Грција за создавање заедничка за противвоздушна одбрана на Европа со првенствена задача за заштита на границите на ЕУ, која, според него, била поздравена од сите партнери во нивните дискусии на Самитот.
Неформалните самити на ЕУ се собири на лидерите на земјите членки на кои само се дискутира и се разменуваат мислења за одредени прашања, но не се носат никакви одлуки.