Корумпирана борба против корупцијата
Ако корумпираните влади денес почнат да одлучуваат кој е корумпиран, а кој не, демократијата нема многу шанси да преживее
Во јули, украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша закон со кој на генералниот обвинител на Украина му се даваат нови овластувања над две основни државни агенции: Националното биро за борба против корупцијата и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата. И двете беа основани со ентузијастичка поддршка од Западот по востанието на Мајдан во 2013-14 година.
Илјадници Украинци веднаш излегоа на улиците на Киев и другите поголеми градови, со слогани дека „корупцијата убива“ и дека „Украина не е Русија“. Тоа беше првата голема антивладина демонстрација од почетокот на рускиот напад врз Украина во 2022 година. Премолчениот договор да не се критикува владата за време на војна беше прекршен.
Потпишувањето на овој закон предизвика најсериозна криза во односите на Киев со ЕУ и ММФ. На Украина ѝ се закануваше замрзнување на околу 60 милијарди евра од европските фондови. А потоа Зеленски попушти. Наместо да се воздржи, тој го смени курсот и ја врати независноста на двете агенции.
Се испостави дека масовните протести и меѓународниот притисок може да бидат најдобрата стратегија во одбрана на демократијата. Но, Брисел треба да биде повнимателен со својата безусловна поддршка за антикорупциските агенции. Не сите овие агенции се исти.
Додека илјадници лути граѓани демонстрираа во Киев, илјадници подеднакво лути граѓани на Бугарија излегоа на улиците поради злоупотребата на моќта на формално независната антикорупциска комисија, барајќи нејзино затворање. Протестите беа предизвикани од апсењето на градоначалникот на Варна, што многумина го сметаат за политички мотивирано и ја обвинуваат антикорупциската комисија дека станала инструмент за дискредитирање на опозицијата.
Работите се дополнително комплицирани од фактот дека протестите против комисијата ги водат истите политичари кои ја создадоа и ѝ дадоа овластувања да истражува и апси.
Дали поентата на оваа приказна укажува дека ние ги фаворизираме антикорупциските власти кога ги откриваат злоупотребите на нашите противници и ги обвинуваме кога ги откриваат злоупотребите на нашите сојузници или има нешто повеќе? Протестите во Бугарија покажуваат дека граѓаните се свесни за деструктивната моќ на корупцијата, но исто така ја разбираат и штетата од инструментализацијата на институциите дизајнирани да ја искоренат.
Соочен со дилемата дали да прави непопуларни компромиси за да ја запре војната или да донесува непопуларни одлуки за продолжување на војната, Зеленски е разбирливо претпазлив од ескалацијата на обвинувањата за корупција од страна на неговите сојузници. Дури и ако се неосновани, ваквите обвинувања го поткопуваат кредибилитетот на неговата влада. Многу украински граѓани ја обвинуваат државната корупција за фаталното доцнење во изградбата на одбранбената инфраструктура, како и за неодамнешните воени неуспеси. Тие исто така се плашат дека мрачните прогнози за исходот од војната влијаат на ризикот од проневера на високи позиции. Владин функционер кој ќе згреши дома можеби ќе сака да избега во странство.
Во обид да ја консолидира својата моќ со донесување на новиот закон, Зеленски веројатно сметал на презирот на Трамп кон антикорупциските агенции, како и на европската попустливост кон Украина. Пресметката се покажа како погрешна. Тој ја потцени Европа – и уште полошо, го потцени сопственото општество. Таа погрешна пресметка беше неочекуван подарок за Русија.
Украинските граѓани не се загрижени само за неказнивоста на луѓето на власт, туку и за реалната можност заробените институции да станат инструмент за поткопување на демократијата – како што бугарските граѓани од сите политички ориентации веќе го искусија на сопствена кожа.
Демонстрантите на улиците на Софија треба јасно да им дадат до знаење – и на нивните лидери и на оние во Брисел – дека институционалниот дизајн не е доволна гаранција за независноста на таканаречените независни институции. Уличните протести се чини дека се последната линија на одбрана од корупција, но и од политичка злоупотреба на институциите.
Ризичната идеја на Зеленски да ги потчини антикорупциските агенции веројатно била водена од желбата да ги заштити своите лојални луѓе кои се загрозени од истрагата. Но, бугарскиот пример сугерира дека некои влади имаат помрачни мотиви, особено кога се под притисок: ним им е потребна контрола врз антикорупциските служби не само за да гарантираат имунитет на своите лојални луѓе, туку и за да ги прогонуваат своите противници преку селективна правда.
Кога Карл Лугер, градоначалникот на Виена на почетокот на 20. век, беше обвинет за соработка со Евреите додека јавно пропагирал антисемитизам, тој возврати: „Јас одлучувам кој е Евреин“. Ако корумпираните влади денес почнат да одлучуваат кој е корумпиран, а кој не, демократијата нема многу шанси да преживее.
(Иван Крастев е претседател на Центарот за либерални стратегии од Софија и постојан соработник на Институтот за човечки науки во Виена. Текстот е објавен во весникот „Фајненшел тајмс“.)