Короната коси низ православната црква


Погребот на поглаварот на Српската православна црква Иренеј започна во Белград, а стручната јавност веќе го прогласи за голем епидемиолошки ризик. Редици граѓани чекаа да влезат и да е простат со поглаварот кој беше изложен во дрвен сандак покриен со стакло и зелена покривка. Иако не се повторија сцените од погребот на митрополитот Амфилохие во Црна Гора, иако се носат маски, сите очи се вперени во Белград кој урива рекорди во заразени, а сега и во црквите кои до вчера тврдеа дека дека не можат да се заразат со верски обреди.

Црногорскиот митрополит Михаило ја обвини Српската православна црква (СПЦ) за непочитување на мерките против корона вирусот и изложување на верниците на голема опасност, но и за манипулирање со датумите на смрт на митрополитот на СПЦ во Црна Гора, Амфилохие и на српскиот патријарх Иринеј. Тој посочува дека ова се два начина на кои Српската православна црква манипулира со верниците.

„Оние што тврдеа дека на верски собири не е можно заразување со корона вирус, ги изманипулираа верници за политички цели, без да го земат предвид нивното здравје, само за да ја добијат власта на изборите во август“,  вели Михаило.

Според него, со тоа и со уверувањата дека не е можно да се заразат на масовни религиозни собири ако имаат вера или ако се причестат со истата лажичка верниците  се доведени во смртна опасност.

„За жал, смртта на српскиот митрополит Амфилохије и патријархот Иринеј покажа и докажа дека за тоа не одлучуваат ниту високи, ниту пониски свештени лица, а особено не политичари, туку одлуката е во божји раце“, рече митрополитот на ЦПЦ.

Според него, не било доволно за овие политиканти да предизвикаат повеќе смртни случаи со незаконски и неодговорен однос кон мерките против епидемијата, па се обиделе да ја инструментализираат смртта на епископот Амфилохије и на патријархот Иринеј, кои починаа од последиците на Ковид „на длабоко неправославен начин“. Тој тврди дека СПЦ ја криела смртта на покојниот митрополит Амфилохије, кој, како што изјави Михаило, починал на 29 октомври.

„Сакаа да соопштат дека тој починал на 31 октомври, денот кога се претстави Свети Петар Цетињски, но беа претркани од медиумите, кои веднаш ја објавија неговата смрт и ги ставија во непријатна позиција, па следниот ден го зедоа како датум на смртта. Ист е случајот и со патријархот Иринеј, кој почина на 19 ноември. Тие се обидоа да го сокријат датумот на смртта за да го поврзат со Аранѓеловден на 21 ноември, но и во овој случај медиумите ги спречија, и ги принудија да ја објават неговата смрт со еден ден доцнење“, рече митрополитот. Сето тоа, како што додава, со цел да ја поврзат нивната смрт со овие два важни црковни датуми и да ја протолкуваат како излевање на божјата милост, особено на овие „двајца високи свештеници, кои на тој начин, навидум се препорачуваат за светители“.

Заминувањето на митрополитот Амфилохије беше обележано со проштално присуство на илјадници верници, а една недела подоцна се одржа седумдневна комеморација кога повторно беа прекршени сите епидемиолошки мерки. Голем број граѓани беа присутни во храмот и не се одржуваше физичко растојание, сите присутни не носеа заштитни маски, а причестувањето повторно се вршеше со една лажица.На тој настан присуствуваше и Иренеј.

Медиумите објавија исто така дека и други поглавари, на Грчката православна црква, атинскиот надбискуп Јероним Втори (82) и на Албанската православна црква Анастасиј (91), биле хоспитализирани поради Ковид-19. Тие се лекуваат во иста болница. Анастасиј беше пренесен во Грција со авион. И митрополитот казахстански и татарски Теофан почина на 74-годишна возраст од компликации од Ковид-19. Неодамнешната смрт на високиот црковен великодостојник на Грчката православна црква, митрополитот Јоанис, ја обнови дебатата за безбедноста на причеста за време на пандемијата, бидејќи сите верници користат иста лажица.

Во Српската патријаршија во Белград беше речено дека причестувањето од истиот куп на традиционален начин, што се применува веќе 2000 години, не претставува кршење на обврзувачките упатства на државните органи. Имаше црковни великодостојници кои многу отворено рекоа дека „нашиот Бог е помоќен од секое зло и епидемија“ и дека тогаш сите треба да „одиме во црква да се молиме и да се причестуваме“, неверојатно е дека свештениците не се плашеле сами за себе. (Н.В.)