Контроверзната опера предизвика хаос во Штутгарт: 18 гледачи побарале лекарска помош по болните сцени


Поради операта „Санкта“ која се одигра во Штутгарт, дури 18 посетители побарале медицинска помош. Тие изјавија дека им е лошо поради експлицитните сцени што ги гледале.

Оваа опера содржи сцени на секс, рани, вистинска и лажна крв итн. „Санкта“ на австрискиот кореограф Флорентин Холцингер е заснована на контроверзната експресионистичка опера од 1920-тите „Sancta Susanna“ од Пол Хиндемит, која ја испитува врската помеѓу целибатот и страста во христијанството. 

„Посетителите почувствуваа мачнина или вртоглавица и им беше укажана прва помош. Некои се онесвестија откако гледаа“, изјави Себастијан Еблинг, портпарол на Државната опера во Штутгарт.

Тој, исто така, препорача публиката внимателно да ги прочита предупредувањата за да знае што да очекува. Организаторите ги предупредија луѓето дека оваа опера е многу трауматична.

Холцингер е познат по изведбите кои вклучуваат голотија, злоупотреба и акробации кои упатуваат на дела од класичната литература и феминизмот. Архиепископот Салцбург Франц Лакнер изјави дека оваа опера е навредлива за верниците.

„Тоа е пародија на светата миса, која е срцето на верата, а не само во католичкото разбирање“, додаде тој.