Контра препораките на САД власта пренаменува 780 милиони денари од одбраната
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, изјави дека се пренаменети 780 милиони денари од Буџетот од ставката за модернизација на одбраната. Тоа, според него, е директно нарушување на НАТО-стандартите и јасно отстапување од препораките на САД.
„Со ова намалување на парите за модернизација на одбраната ние не го задоволуваме НАТО стандардот за соодветен процент на пари кои што треба да се инвестира во тој дел на одбраната. Се поставува прашањето дали праќаме сигнал дека ние не сме кредибилен партнер во рамките на НАТО во време кога американската администрација инсистира да процентите од буџет во одбраната се зголемат, а ние го намалуваме. И тоа значи дека се загрозува нашето партнерство со САД“ , изјави Филипче.
Тој истакна дека ова е уште една потврда дека Буџетот е лошо планиран, нереформиран и не ги отсликува потребите на државата и граѓаните.
„Едноставно сметам дека овој буџет е креиран во ниедна смисла да не служи за доброто на граѓаните во државата“, додаде Филипче.
На прес-конференцијата,Филипче посочи дека Буџетот не само што е спротивен на безбедносните стандарди, туку и дека воопшто не е развоен и не обезбедува ниту поддршка за најранливите категории. „Овој буџет не е подготвен да се соочи со криза. Ако дојде до било каква криза во државава едноставно ќе нема пари за ништо“, нагласи Филипче.
Притоа, тој предупреди дека буџетската дупка за тековната година е веќе милијарда евра и дека ќе следи ново задолжување.