Концерти на Владо Јаневски и на дуото Александар и Дац на „Преспаленд 2021“


Со одбележување на првиот час по македонски јазик, во старото училиште „Димитар Влахов“, во селото Љубојно, денеска почна првиот мултимедијален фестивал на традицијата и историјата во Преспа „Преспаленд 2021“.

Посетителите, како што информира организаторот, имаат можност да ги вкусат традиционалните, преспански рецепти на локацијата на старото училиште во Љубојно, а настап ќе имаат музичката група Перија и виртуозот на канон и саз, Џенгиз Ибрахим. Посетителите ќе имаат можност да слушнат поезија од Елена Пренџова, Игор Трпчески-Трпе, Марија Грубор и Горазд Китаноски-Кени од Поетри слем Македонија.

На плажата „Сливница“, утре концерти ќе имаат дуото Дац и Александар и Владо Јаневски.

Во рамки на фестивалот, во наредните три месеци се организираат едукативни работилници, спортски активности, традиционални и вкусни локални приказни, музички настапи, а најавени се и многу сценски изведби и изложби.

Организаторот најавува посета на шест села, со 11 настани, како и време поминато во природа и разубавување на 11 локации.