Концерт на „Фејмс“ со Русанда Панфили в недела во „Сули ан“ на тема светска музика
Како првиот концерт на Јулската концертна серија на ФЕЈМС Институтот, овој концерт ќе се одвива под водство на Русанда Панфили, молдавска виолинистка, композиторка и аранжерка. Таа има настапувано со Jerusalem Symphony Orchestra, RSO Vienna и Државниот симфониски оркестар на Мексико, а има соработувано и со Brian May, Hans Zimmer и Andrea Bocelli. Од 2016 година е соло виолинистка во продукциите „Hans Zimmer Live” и „The World of Hans Zimmer”. Поврзувајќи ја класичната традиција, фолклорното наследство и филмската имагинација, оваа програма ја поканува публиката на музичко патување низ различни култури и епохи. Преку делата на Барток, Григ, Штраус, Пјацола, Зимер, Вилијамс и Мориконе, таа ја открива трајната моќ на ритамот, мелодијата и бојата на оркестарот.
Овој концерт е завршен настан на шестдневната едукативна програма на ФЕЈМС Институтот, во рамки на која млади професионални класични музичари од цела Европа престојуваат во Скопје и под менторство на Русанда Панфили, работат на избраните дела во професионално студио, а потоа ги изведуваат на сцена, применувајќи ги новостекнатите уметнички и технички знаења.