Концерт на Архангел на 13 јуни на Стадионот на АРМ
Голем самостоен концерт на легендарниот македонски бенд Архангел ќе се одржи на 13 јуни на Стадион на АРМ во Скопје.
Концертот ќе биде во знакот на 44 години музичко творештво на Ристо Вртев – четири децении автентичен звук, уметничка доследност и силно влијание врз македонската рок и алтернативна сцена.
На сцената на Стадионот на АРМ публиката ја очекува повеќечасовна музичка приказна, раскажана преку антологиските композиции „1.000.000 долари“, „Чудесен свет“, „Сениште“, „Uber Makedonische“, „Нова вера, нова библија“ и многу други, надополнета со дел од новиот материјал што бендот го создава.
Архангел интензивно работи на својот петти студиски албум, кој ќе означи ново креативно поглавје во нивната дискографија. Дел од композициите ќе бидат премиерно изведени токму на овој концерт, додека првиот официјален сингл се очекува наскоро.

Концертот, насловен „Срцевина“, претставува концептуално продолжение на поетиката на авторот и фронтмен Ристо Вртев – централен столб на бендот и клучен двигател на нивниот препознатлив авторски израз.
Големото враќање на сцената и издавањето на новиот албум се реализираат во организација на издавачката куќа Adriatica Records, со седиште во Љубљана, чиј фокус е промоција и поддршка на квалитетен авторски звук во регионот.
Билетите ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, 2 март, онлајн на www.karti.com.mk/arhangel и преку нивната продажна мрежа низ цела Македонија.
За Архангел важи правилото дека некои бендови не стареат – тие со времето стануваат подлабоки, позрели и послоевити. Формиран во 1988 година по иницијатива на Ристо Вртев, култниот скопски рок-состав одигра клучна улога во обликувањето на македонската рок сцена. Со јасен авторски интегритет и силна поетска експресија, Архангел создаде препознатлив музички јазик – спој на суров алтернативен рок и длабока лирска рефлексија на македонски јазик. Нивниот континуитет низ децении претставува редок пример на доследна уметничка визија во регионалниот рок-контекст.
Деби-албумот „Архангел“ (1991) беше прогласен за најдобар деби-албум на просторот на поранешна Југославија, поставувајќи ги темелите на култниот статус што бендот го ужива до денес. Креативниот подем продолжи со „Архангел 2“ (1993), издание што донесе значајни признанија и ја зацврсти нивната позиција на сцената, како и со „Heart Core“ (1998) – албум чиј промотивен концерт пред 8.000 посетители на Скопскиот саем останува запишан како еден од најзначајните настани во домашната рок историја.
Последното студиско издание, „Небесна машина“ (2003), заокружи една силна авторска фаза. Импозантната концертна историја на Архангел се протега од раните настапи на алтернативните сцени низ поранешна Југославија, преку историскиот концерт пред 8.000 публика на Скопскиот саем, до крупни сценско-музички проекти како „Архангелот над Скопје“ и концертната соработка со Македонската филхармонија.