Комисијата за европски прашања треба да почне со расправа по првиот закон за коридорите


Собраниската Комисија за европски прашања денеска треба да ја продолжи 54. седница на чиј дневен ред се предлог-законските измени за изградба на коридорите 8 и 10д.

Законите се предложени со европско знаменце и треба да се донесат по скратена постапка.

Комисијата синоќа го усвои дневниот ред, а претпладнево, како што најави претседателот Арбр Адеми, ќе почне со расправа по првата точка – Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, по скратена постапка.

На седницата се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија.

Покрај овие закони, пред членовите на Комсијата е и Предлог-законот за академија за судии и јавни обвинители кој исто така треба да се донесе по скратена постапка.

Во Собранието се најавени седници и на Комисијата за прашања на изборите и именувања, за предлозите за избор на членови на Советот на јавните обвинители, и на Комисијата за образование и наука, за предложените измени на законите за основното образование, за основање Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, за отворените граѓански универзитети за доживотно учење, за просветната инспекција и на Законот за спортска академија, сите во прво читање.

Инаку, во текот на вчерашната седница беше усвоен само дневниот ред.

Пред да биде изгласан дневниот ред, процедурално за збор се јавија координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и заменик-координаторката Ели Панова. Тие реагираа дека се прават сериозни прекршувања на Деловникот, како и дека законите што се предложени немаат врска со европската регулатива, ниту се со неа усогласени. За се ова, се заканија Мицевски и Панова, ќе има одговорност. По нив процедурално се јави и Дафина Стојановска, обвинувајќи дека „се прави криминал што ќе се плаќа со пари на граѓаните“.

„Се прават сериозни прекршувања на Деловникот. Нема да ја спомнам денешната седница и начинот како дојдовме до Комисијата. Пленарната седницата заврши во 18.21 минута, а во 18.22 беше пуштена порака дека е закажана 54.седница на Комисијата за европски прашања во 18.45 или за 23 минути. Во 19.21 часот се уште немаше ништо прикачено на е-Парламент за седницата. Пред три минути е ставена седницата. Носиме закони што ќе влечат две-три милијарди евра, а не застанувате да ги погледнеме овие работи. Делегација на ЕУ се изјасни дека употребата на европското знаменце не е оправдана, а и Комората на овластени архитекти и инженери кажа: „Остануваме на ставот дека дел од опишаните процеси не смеат да бидат заобиколени со кратење постапки, а со преиначување на постапките се нарушува професионалниот пристап“. Не се сигурни кој што ќе проектира, какви патишта ќе бидат проектирани – „со недофатливи негативни импликации“, рече Мицевски.

Тој му забележа на претседателот на Комисијата Арбр Адеми дека молчи, без да даде никакви одговори на поставените прашања.

„Дали имаме опструирана дебата? Дали имаме ограничена амандманска расправа? Треба да глумиме дека се е во ред, дека Комисијата функционира, дека тераме по предложениот дневен ред и да завршиме работа“, праша Мицевски.

Според Панова, владиното мнозинство повторно ја силува собраниската процедура.

-Вакво дрско и безобразно однесување одамна не сме виделе. Ретко кој не слушна до сега за „Бехтел и Енка“, за коридорите 8 и 10д, слушна и ЕУ. И таа и граѓаните опоменуваа. Во законите пишува дека нема финасиски импликации, сте ставиле европско знаменце, а внатре стои дека нема усогласеност со европската регулатива“, рече Панова.

И Дафина Стојановска укажа дека Деловникот не се почитува.

„Одите со глава во ѕид. ЕУ кажа дека ова не е европска регулатива. Само назив има на прописот и предлагач, како и негов потпис. Ова е криминал што ќе се плаќа со пари граѓаните. Не се работи за заем или спонзорство и не ја брукате само државата, туку и европската заедница и еминентната американска фирма. Ова не смее да помине, за ова некој ќе одговара“, истакна Стојановска.

На седницата присуствуваа заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусеин и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.