Колумбија стави крај на борбите со бикови


Колумбискиот претседател Густаво Петро потпиша закон со кој се забрануваат борбите со бикови во оваа јужноамериканска земја.

„Не можеме да му кажеме на светот дека убивањето на живи и чувствителни суштества за забава е култура“, рече Петро вчера на церемонијата на која присуствуваа стотици активисти за правата на животните во арената за борби со бикови во Богота.

Тој додаде дека уништувањето на природата би значело крај на човештвото.

„Природата има права кои се независни од нас и овие права мора да се почитуваат“, рече тој. Арената за борби со бикови ќе стане сцена за „култура, спорт и живот, а не смрт“, рече претседателот.

Земјата сега има три години да ги претвори арените во центри на културата и уметноста.
Матадорите, работниците кои заработуваа борејќи се со бикови, ќе треба да се преквалификуваат, рече Петро.

Законот наречен „No más olé“, што значи нема повеќе оле – навивање што се користи за време на борбите со бикови, беше усвоен од Конгресот со историска одлука на крајот на мај.

Борбите со бикови се традиција во Колумбија уште од шпанскиот колонијален период. Активистите за права на животните постојано протестираа против нив во последните години. Колумбија беше една од осумте земји што ги дозволуваа борбите со бикови како легална активност, заедно со Шпанија, Португалија, Франција, Еквадор, Мексико, Перу и Венецуела.