Колку ќе ја чини Македонија „дизел-туризмот“
Македонија е целосно зависна од увоз на нафта. Тоа значи дека за да ја купи на светскиот пазар, ја плаќа по светски цени и тоа во долари , кои треба да ги обезбеди на домашниот девизен пазар. Државата плаќа долари, а од оние кои доаѓаат од соседите ги купуваат горивата на нашите бензински пумпи во денари
Македонија со нафтени деривати речиси целосно се снабдува од соседна Грција, но грчки граѓани од пограничните места сега доаѓаат кај нас да наточат дизел или бензин. Оваа по малку апсурдна ситуација е резултат диспаритетот на малопродажните цени, кои во Грција се многу повисоки отколку кај нас. Слични се состојбите и на границата којн Албанија, Косово и Србија, каде што дериватите се исто така поскапи отколку на бензинските пумпи во Македонија, па многумина практикуваат таканаречен „дизел-туризам“.
„Немаме до сега најава за какви било попречувања во делот на снабдувањето, не планираме да воведеме ограничувања“, изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетатата на Струга, одговарајќи на прашања на новинарите.
Тој вели дека на ваков начин ги помагаме и нашите соседи.
„Неколку аеродроми од соседството добиваат керозин од кај нас, така што и тука не планираме да воведеме ограничувања за извоз“, нагласи Мицкоски.
Тој посочи дека голем дел од граѓаните на соседните држави се снабдуваат со бензин и со дизел од нашите бензински станици. Кај некои бензински станици потрошувачката била зголемена за три-четири пати. Ова за Мицкоски е доказ дека дека и покрај историски најголемиот обем на криза, како влада прилично стабилно се справуваат.
Меѓународниот монетарен фонд, деновиве, во изјавата по завршената мисија во нашата земја, истакна дека „поддршката на домаќинствата како одговор на тековниот шок на цените на енергијата треба да биде добро насочена, бидејќи субвенциите за сите нивоа, вклучително и генерализираните намалувања на даноците, се неефикасни и регресивни“.
Затоа, како што истакнуваат од ММФ, привременото намалување на ДДВ треба да се укине постепено и брзо.
„Ранливите домаќинства треба да бидат поддржани преку постојните шеми за социјална помош, кои се релативно добро насочени во Северна Македонија, иако нивната покриеност и соодветност можеби ќе треба да се зајакнат. Неочекуваниот приход од ДДВ од повисоките цени на горивата би можел да се искористи за покривање на дел од поврзаните трошоци“, се препорачува во изјавата на ММФ.
Политиката на Владата е сосема различна од оваа препорака на ММФ. Во меѓувреме, во желба да превенира евентуално прелевање на високите цени од нафтените деривати врз цените на другите производи, односно да спречи раст на инфлацијата, Владата дополнително донесе мерка со која ја намали и акцизата, кај дизелот за четири денари, а кај бензините за два денари, односно ги зголеми субвенциите кои важат генерално, односно како за македонските граѓани, така и за сите други кои точат гориво на македонските бензински пумпи.
До кога ќе бидат во примена мерките за намалување на ДДВ и на акцизите, засега не се знае. Мицкоски во четвртокот рече дека е забележано намалување на цената на нафтата и на нафтените деривати на светските берзи за отприлика дваесетина долари за барел, и цената сега е меѓу 95 и 97 долари за барел што е многу повисоко од цената пред кризата која што варираше меѓу 65 и 70 долари за барел (во еден период беше и под 60 долари), но не е 120 долари колку што беше во екот на кризата.
„Ние на дневна основа субвенционираме преку намалената стапка на ДДВ од 18 на десет проценти, а согласно последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика имаме намалување на акцизите од четири денари по литар за дизел горивото и два денари за литар за безоловните горива“, рече Мицкоски.
Сепак, и покрај ова, цените на горивата во нашата земја значително се зголемија во однос на оние од почетокот на годинава. Кај дизелот зголемувањето е дури речиси околу 50 проценти. Тоа придонесе значително да се зголемат трошоците за полнење на еден резервоар гориво во возилата. Ако на почетокот на годината за да се наполни еден резервоар со дизел беа потребни околу 4.000 денари, сега тој износ е за 50 отсто повисок, Поради тоа, македонските граѓани се помалку возат и се префрлат на јавниот превоз.
Но, наместо да се намали потрошувачката на деривати, како што налага економската логика (помалку се троши она што е поскапо) таа се зголеми и тоа драстично.
„Побарувачката е зголемена, имаме денови кога имаме и над 2 милиони литри кои што бензинските станици во државата ги снабдуваат. Битно е дека на дневна основа ги следиме предизвиците, а предизвици ќе има, дури и утре да заврши сето ова, ќе има ефект којшто ќе трае, бидејќи производните капацитети во Заливот, тука пред се мислам на Кувајт, Ирак, Иран, Саудиска Арабија, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, имаат сериозни оштетувања, некои и трајни, а некои делумни. Недостасуваат околу 12 милиони барели на ден“, изјави Мицкоски.
Тој уверува дека државата располага со доволни количини на дизел горива, нафта и другинафтени производи, како во цевководот кој што беше пуштен на почетокот на годината, кој што ја поврзува ОКТА со солунското пристаниште, но и во државните резерви.
Сепак, великодушноста на Владата која ги субвенционира не само македонските граѓани, туку и граѓаните од соседните земји (преку намаленото ДДВ и акцизи), во глобала може да ја чини државата многу. Македонија не располага со сопствени извори на нафта, таа е целосно зависна од увоз. Тоа значи дека за да ја купи на светскиот пазар, ја плаќа по светски цени и тоа во девизи (најчество во долари), кои треба да ги обезбеди на домашниот девизен пазар. Тоа значи дека државата плаќа долари, а од оние кои купуваат на нашите бензински пумпи наплаќа во денари.
Проблемот е што Македонија во размената со странство има дефицит, односно повеќе увезува отколку што извезува. Тоа значи и дека нема девизи на претек со кои може да купува колку што сака во странство, туку треба да се однесува рационално. „Кусокот“ девизи во голема мера се покрива со дознаките на нашинците коишто работат во странство и им ги испраќаат на своите блиски во земјава, или ги трошат кога престојуваат во земјава, а кои најчесто се разменуваат преку менувачниците.
Увозот на нафтени деривати во земјава според вредноста е една од најголемите ставки во надворешно-трговската размена. Според податоците на Државниот завод за статистика, лани сме платиле 1,4 милијарди долари, или 1,26 милијарди евра за минерални горива и мазива и сродни производи. Истата година сме извезле од оваа група производи за околу 250 милиони долари или 220 милиони евра, што значи дека разликата е 1,2 милијарди долари или една милијарда евра која што сме требале да ја „искешираме“ за да ги задоволиме домашните потреби за овие призводи.
За споредба, лани вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија била 8 милијарди евра (околу 9 милијарди долари) , а на увозот 11,5 милијарди евра (13 милијарди долари)
Со оглед дека кризата во Заливот, односно нападот врз Иран, се случи на крајот на февруари, статистиката за годинава се уште ги нема податоците за движењето на увозот и извозот за март и за април, така што во нарениот период ќе се види колку „дизел-туризмот“ ќе ги оптовари домашните надворешно-трговски биланси. И колку сето тоа ќе придонесе да се зголеми задолжувањето кон странство.