Колку енергија може да потроши електричен автомобил кога е во мирување
Луѓето и компаниите кои одлучуваат да купат електричен автомобил ја земаат предвид неговата набавна цена и потрошувачката при возење. Сепак, има и скриени трошоци кога автомобилот е во мирување. Истражувањето спроведено од белгискиот енергетски старт-ап Re.alto покажа дека трошоците можат да достигнат и до 600 евра годишно, доколку се земат предвид белгиските цени на струјата.
Re.alto е старт-ап кој се потпира на размена на податоци за енергија. Оваа компанија има договор со неколку производители на автомобили за обработка на податоци од електрични автомобили, велат од „ХАК“.
– Раководителите на возниот парк ни рекоа дека проценетата потрошувачка често не одговара на реалната потрошувачка. Оваа опсервација не поттикна подлабоко да ја анализираме потрошувачката – изјави Дитер Јонг од Re.alto.
Дитер Јонг и неговиот тим открија дека дополнителната потрошувачка на електрична енергија се должи на потрошувачката за време на одмор во т.н. „Режим на спиење“. Загубата се покажа поголема од очекуваното.
– Автомобилите кои стојат во место цел ден трошат, во зависност од моделот, околу 3 kWh дневно. Тоа одговара на вкупна вредност од 1000 kWh годишно, пишува Monenergie.be.
Електричните автомобили постојано пренесуваат податоци до корисничката апликација: температура, статус на батеријата… Сепак, електричните автомобили се оптимизирани за возење, а не за пренос на податоци. Овој процес троши многу повеќе енергија отколку што троши паметен телефон.
Единственото решение за сопствениците е да го стават автомобилот во режим на мирување. Во моментов, повеќето возачи претпочитаат режим на подготвеност бидејќи на тој начин се поврзани со апликацијата.