Која храна треба да ја одбегнувате ако имате артритис?
Симптомите на артритис може да варираат од благо фрустрирачки до неподносливо болни. За жал, оваа состојба е доста честа појава.
Иако не постои лек за артритис, постојат неколку намирници за кои е откриено дека помагаат во ублажување на болките, отокот и вкочанетоста во зглобовите. Од друга страна, постојат неколку намирници кои треба да се избегнуваат, но и навики од кои треба веднаш да се ослободите.
Одбегнувајте храна со додаден шеќер
Додадениот шеќер не им помага на болните од артритис.
„Една од најлошите навики е јадење храна богата со додадени шеќери, како колачи, зашеќерени пијалоци и слично. Шеќерот предизвикува воспаление во телото, а артритисот се влошува со системско воспаление”, изјави диететичарката Џули Аптон за Eat This.
Одбегнувајте премногу солена храна
Иако солта може да биде ефикасен засилувач на вкусот, редовното консумирање храна богата со натриум може да доведе до неколку здравствени проблеми. Ова може да варира од главоболки и надуеност до висок крвен притисок и зголемен ризик од срцеви заболувања.
Меѓутоа, кога станува збор за артритис, солта може да предизвика клетките да ја повлечат водата, што на крајот може да го влоши отокот. Покрај тоа, кортикостероидите, кои најчесто се користат за лекување на ревматоиден артритис, може да предизвикаат телото да задржува повеќе натриум, според Фондацијата за артритис.
Одбегнувајте премногу заситени масти
Истражувањата покажаа дека заситените масти предизвикуваат воспаление во масното ткиво, како и дека можат да ја ослабат ‘рскавицата во зглобовите.
„Обидете се да ја ограничите или избегнувате храната богата со заситени масти, кои се првенствено храна од животинско потекло, како што се црвено месо, путер, полномасно сирење и други полномасни млечни производи“, вели Аптон.
Внесувајте повеќе храна од растително потекло
Нема штета од повеќе растителна храна во чинијата – овошје, зеленчук, мешунки, јаткасти плодови и семиња – ова е храна што докажано има антиинфламаторно дејство.
„Овие намирници помагаат во борбата против воспалението бидејќи се богати со антиоксиданси и растителни влакна, кои можат да помогнат во промовирање на здрави цревни бактерии. Истражувањата покажаа дека луѓето со артритис обично имаат ограничен број на цревни бактерии“, забележува диететичарот Ејми Шапиро.