Која е српската амбасадорка нападната во Мадрид?


Амбасадорката на Србија во Шпанија, Ирена Шарац, завчера била нападната во центарот на Мадрид, јавија српските медиуми, наведувајќи дека очевидци рекле дека млад човек и пришол на амбасадорката додека таа разговарала на телефон на српски и ја прашал дали била од Србија, а потоа со нога ја удрил по грбот и побегнал.

Медиумите наведуваат и дека постои сомневање дека се работи за млад човек со албанско потекло.

Нападот бил пријавен во полиција која пристигнала на местото на настанот и извршила увид.

Министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ го осуди овој напад врз амбасадорката. Тој во објава на Х рече дека ваквите акти на насилство се неприфатливи и на нив мора да се одговори одлучно и брзо.

Која е Ирена Шарац?

Според нејзината официјална биографија, Шарац е вработена во Министерството за надворешни работи од 2005 година.

Една година претходно, таа работела како преведувач од кинески на англиски во Пекинг.

Во периодот од 2013 до 2017 година била вработена во Амбасадата на Србија во Атина за политички прашања, на позицијата прв секретар, а потоа и советник.

Од април до мај 2017 година, таа ѝ помагаше на Амбасадата на Србија во Кина за време на подготовката и спроведувањето на првиот Самит „Појас и пат“ во Пекинг. Потоа била ангажирана во Министерството за надворешни работи како прв советник во Секторот за билатерална соработка.

Од 2021 до 2023 година работела во Министерството за надворешни работи како шеф на Одделот за Азија, Австралија и Пацификот.

Таа стана амбасадор во Шпанија на крајот на 2023 година.

Во однос на нејзиното образование, според достапните информации, таа завршила Филолошко средно училиште во Белград (кинески јазик), а потоа дипломирала кинески јазик и литература на Филолошкиот факултет во истиот град.

Потоа се запишала на специјалистички студии на Факултетот за политички науки, а тезата и била „Мултилатерализмот на 21 век – односот на силите и манифестацијата на моќ во Обединетите нации“.

Во официјалната биографија на Ирена Шарац стои дека таа зборува англиски и кинески, а има основни познавања од шпански и француски јазик.

Името на Ирена Шарац на пошироката јавност и стана познато кога беше откриена аферата со кражба на гориво, која го оштети грчкиот буџет, според проценките, за околу два милиони евра.

Белградски Блиц во 2016 и 2018 година пишуваше дека тогашниот вршител на должноста во Атина Бранко Лазаревиќ, конзулот Јелена Срдановиќ Џелебџиќ и Ирена Шарац во документите прикажале дека потрошиле 30 тони гориво во текот на две години.

Според информациите на амбасадорот во Атина, Душан Спасојевиќ, до Министерството, премиерот и БИА, станува збор за сума која била дури шест пати поголема од реалната сума, пишуваше тогаш Блиц, а дека Шарац, Лазаревиќ и Срдановиќ Џелебџиќ беа вратени во Белград на барање на грчката влада. Шарац и Срдановиќ Џелебџиќ го демантираа тоа, нагласувајќи дека се вратиле во земјава по нивно барање.

Весникот пишува и дека Вишото јавно обвинителство покренало прелиминарна истрага, но никогаш не било покренато обвинение.

Меѓутоа, адвокатот на Ирена Шарац во писмо до весникот Данас изјави дека против неа никогаш не била водена кривична постапка.