Кој ќе го плати зголемувањето на пензиите?

Зголемувањето на ниските пензии треба да се одвива на друг начин, а не со казнување на другите пензионери


За неколку дена пензионерите ќе добијат 2.500 денари поголеми пензии. Линеарното зголемување на пензиите, што значи дека сите се еднакви, популистичкиот метод е напуштен уште од времето на еднопартискиот систем, во Македонија го обнови владата на Никола Груевски. Неговите следбеници во ВМРО-ДПМНЕ сега повторно го воведоа овој нефер начин како пропагандна предизборна кампања.

Се фалат на цел глас дека владата е таа која води грижа за пензионерите и дека таа обезбедува пари за пензионерите, а не самите пензионери кои за време на својот работен век издвојувале свои пари во државниот пензински фонд, според законите кои ги регулираат правата на пензионерите и зголемувањето на пензиите според растот на инфлацијата и животните трошоци.

Зошто линеарниот начин на зголемување на пензиите е голема неправда кон пензионерите кои најмногу пари плаќале во државниот пензиски фонд? Тоа лесно се докажува со една многу едноставна пресметка.

Еве како изгледа тоа зголемување во владината политичка „математика“ на линеарно зголемување за 2.500 денари. Пензионерите кои во државниот пензиски фонд одвојувале по сила на законот 40, или цели 45 години од своите бруто месечни плати процентуално, а не линеарно, плус и извесен процент солидарно, со ограничување на највисоката пензија, со сегашната партиска урамниловка ќе бидат најмногу оштетени. Разликата е од 20 проценти зголемени пензии за тие што одвојувале најмалку пари во фондот до само три проценти, на тие што најмногу уплатиле на сметка на фондот и обезбедиле свои пари за солидарниот дел. 

Земи од едните дај им на другите 

Популизмот се крие во лагата дека се отстранува неправда кон луѓето кои имаат мали пензии, што, пак, обезбедува големи политички поени со „стратегијата“ земи од едните кои повеќе и со децении плаќале и дај им на другите кои помалку и пократко време плаќале на сметка на Фондот.

За неколку месеци, во пролета 2025 година, ќе уследи уште едно зголемување на пензиите за 2.500 денари темпирано пред локалните избори. Така пензиите по теркот на власта што го враќа достоинството и гордоста кај тие што не ги исполниле условите за полна пензија, ќе се зголемат за околу 40 проценти, а кај најредовните и најголеми плаќачи во Фондот само за шест до седум проценти.

Ова линеарно покачување на двапати во изгубената трка со инфлацијата ми заличува на една приказна од Кралството Југославија кога пред изборите се подмитувале гласачите. Секој со право на глас, кој ќе гласал за партијата која подмитува, добивал по еден нов чевел, другиот ќе го добие по изборите, се разбира ако победи партијата која дели чевли, за да се симнат опинците. Со пензиите е малку поинаку, тие треба да се зголемат и пред и по изборите. 

Зголемувањето на ниските пензии секако е оправдано и егзистенцијално нужно. Во најголем дел, старосните пензии се мизерни и повеќе припаѓаат на социјалната категорија одвај да се преживее, далеку од примања кои обезбедуваат скромен и пристоен живот. Политиката во тоа откри одличен терен за манипулации, лажно прикажувајќи ги владите како загрижени добротвори кои зголемуваат пензии, иако тоа е законска обврска во сооднос со инфлацијата. 

Особено манипулативно е линеарното зголемување на пензиите. Во земјите каде што важат економските законитости тоа се одвива на сосема поинаков начин, а не со казнување на другите пензионери и на сметка на фондот и неговото доведување до банкротство. За тоа постои цела палета на надоместоци и државна помош. Почнувајќи од зголемување на најниските пензии до субвенции во цената на потрошената електрична енергија и на другите форми на помош на сиромашните семејства. Тоа се сосема други фондови и начини да им се помогне на пензионерите со најниски пензии и на најсиромашните категории граѓани. 

Од најбогат фонд до банкротство 

Второто прашање кое е и најважно, а на кое никогаш не е даден одговор пред јавноста, е како државниот пензиски фонд е доведен до банкротство и до најголем потрошувач на државната каса, наместо да биде еден од најбогатите фондови во државата без да се посегнува по средства од буџетот. Работите ќе станат појасни ако се види кој сѐ е корисник на фондовски средства со политички одлуки без да ги исполнува условите и на кој начин се доделувале незаслужени пензии на сметка на другите пензионери кои редовно одвојувале пари од своите плати. 

Еден од најголемите грабежи на пензискиот државен фонд е направен со сопственоста на акциите со кои се здоби Фондот при приватизацијата на државните и општествени компании. Пензискиот фонд кој поседуваше 15 отсто од акциите од сите приватизации, практично беше најголемиот акционер во државата. Денеска од најпрофитабилните приватизирани компании Фондот само од дивиденди можеше да остварува милионски суми приходи, ако тие не беа продавани под сомнителни околности. 

Долгогодишната практика да се исплаќаат пари на рака без да се платат придонесите на државата, поради слабата контрола сѐ уште е висока ставка која го осиромашува и натаму пензискиот фонд. Тоа се големи пари ако се има предвид фактот дека вкупниот износ на придонесите по разни основи изнесува околу 50 проценти од бруто платата.

И сосема на крајот една реалност која не може да се пресмета линеарно. Правото на старосна пензија се остварува по навршување на 64 години за мажи и 62 години за жени. Ако се има предвид фактот дека просечниот живот е 72 години, односно 73 години на жените, тогаш, Фондот во најголем број случаи им останува должен и по смртта на пензионерите кои ги исполниле сите услови за старосна пензија. Мал е процентот на наследни права за малолетни деца и за сопругите кои немаат пензија, или треба да се откажат од својата пензија. Затоа кога се честита за заминување во пензија обично се вели со среќа и што подолго да ја користиш, со утешителната додавка не е толку важно колкава ти е пензијата, туку колку долго ќе ја земаш. 

(Линк до текстот во Дојче веле овде)