„Кој ги уби нашите деца“ : Игор Џамбазов со моќен говор за трагедијата во Кочани


Среде урнебесен хумор на Тино и Атанас и настап на домашни, регионални и светски ѕвезди, најдобриот шоумен на сите времиња, актер и текстописец Игор Џамбазов, одржа моќен говор на Златна Бубамара ‘26, што ни ја стегна душата и повторно не наврати на трагедијата во Кочани. 

Откако ги спомена сите позначајни имиња на уметници кои ги изгубивме лани , дојде најтешкото. Моментот кога на видео-бимот зад Игор Џамбазов се појави ѕвездено небо со испишани букви „Македонска крвава бајка“, светлата се изгаснаа, а салата се стиши, сите знаеја што следи, Кочани… Најголемата трагедија во поновата историја на Македонија ја зави нашата земја во црно и остави празнина во огромен број семејства.

Со грутка во грлото и силни емоции, тој започна да рецитира:



Bilo je to u nekoj zemlji seljaka

na brdovitom Balkanu,

umrla je mučeničkom smrću

četa đaka

u jednom danu.



Стихови од песната „Крвава бајка“ на Десанка Максимовиќ, напишана во 1941, откако слушнала детали за масакрот во кој германскиот окупатор стрелал цело одделение средношколци во Крагуевац, а се смета за едно од најтешките поетски дела.



Потоа Игор емотивно продолжи:



„Тоа било 21 октомври 1941-ва…



16 март 2025, 1 часот и 35 минути… најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија, со 64 жртви, над 200 тешко повредени.



Бол и бес… кој ги уби децата од Кочани? Фашисти? Како децата во Ваташа и Крагуевац?



Не… ги убија наши неодговорни луѓе. Луѓе нелуѓе. Тоа е новиот фашизам, нахранет со алчност, корупција и незнаење.



Новиот фашизам, новиот лик на светот кој никому не му се допаѓа.



Пред 3 години на оваа сцена рецитирав стихови од нашиот поет Славко Јаневски, ‘В тиквешко негде убија дете…’ Кому му рецитирав? Ја научи ли некој?



Се слушаме ли? Кому пречеа тие деца? Не пречеа никому.



Само се жртви на голем хаос кој зацрни цел град, хаос кој верувам нема да го заборавиме и ќе ни стои како шлаканица која ќе нè боли вечно.



Слава им на ангелите, почивајте во мир другари, уметници, деца наши…“


Тој потсети и на историскиот споменик во Крагуевац, во чест на наставникот кој загинал кога со градите ги заштитил учениците, прашувајќи: „Како кај нас не се најде некој да го каже тоа, да ги заштитеше овие деца?“

Во текот на церемонијата беа прикажани и фотографии од починатите членови на групата „ДНК“, како и дел од тимот на „Златна Бубамара“, вклучувајќи го и тонецот Игор Велков. Џамбазов посебно се сети на професорката по пијано и придружен вокал, Сара Пројковска: „Сара десет години на оваа сцена ми го чуваше грбот. Никогаш нема да ја заборавам“.

Солзи и громогласни овации одекнуваа низ салата, додека присутните во молк ја доживуваа болката и споменот на трагедијата.