Кој е Џими Лаи и зошто беше осуден на 20 години затвор во Хонгконг
Џими Лаи е еден од најпознатите демократски активисти. Неговиот „грев“ е што се бореше за демократијата во Хонгконг и издаваше независни весници
Џими Лаи, поранешен медиумски могул и истакнат продемократски активист од Хонгконг, денес беше осуден на вкупно 20 години затвор за злосторства против националната безбедност.
Судот во Хонгконг го осуди по три точки за заговор за соработка со странски сили и едно за објавување бунтовнички материјали. Лаи беше прогласен за виновен на 15 декември, а пресудата беше донесена по речиси пет години судска постапка, што се смета за најпознатиот случај за национална безбедност во финансискиот центар.
Судот рече дека казната е зголемена бидејќи Лаи бил „главен организатор и движечка сила“ на заговорите за соработка со странски сили.
Во пресудата се вели дека прекршоците биле сериозни, спаѓаат во најтешката категорија кривични дела и дека заговорите биле добро испланирани и добро осмислени.
Судот, исто така, ги отфрли аргументите на одбраната за помала казна поради влошената здравствена состојба на Лаи. Неговиот адвокат одби да коментира по изрекувањето на пресудата за тоа дали ќе поднесе жалба.
Џими Лаи (77) е роден во континентална Кина и избегал во Хонгконг кога имал 12 години, криејќи се на рибарски брод. Таму почнал да работи во фабрика за облека, а подоцна ја изградил модната империја „Џордано“. Се здоби со популарност како отворен застапник на демократијата по масакрот на плоштадот Тјенанмен во 1989 година.
Стана полноправен британски државјанин во 1994 година. Иако никогаш не поседувал кинески или хонгконшки пасош, властите на Хонгконг сè уште го сметаат за кинески државјанин.
Во периодот пред предавањето на Хонг Конг на Кина во 1997 година, тој го основа продемократскиот весник на кинески јазик „Епл дејли“, кој со години беше многу критичен кон кинеската влада. Весникот беше насилно затворен во јуни 2021 година по полициска рација и замрзнување на средствата.
Зошто беше затворен?
Лаи им бил познат на кинеските власти дури и пред масовните продемократски протести во Хонг Конг во 2019 година, кои избувнаа поради законот за национална безбедност. Лаи јавно го нарече законот „смртни ѕвона за Хонгконг“, додека „Епл дејли“ постојано ги критикуваше реформите и ги поддржуваше демонстрантите.
Тој првпат беше уапсен во август 2020 година, заедно со неговите синови, под обвинение за договарање со странски сили и измама. Подоцна стана првото високопрофилно лице обвинето според новиот закон за национална безбедност. Оттогаш е осуден во одделни случаи на нелегално собирање и други кривични дела поврзани со протестите.
Лаи го помина поголемиот дел од притворот во самица, а неговото семејство постојано предупредуваше за сериозно влошување на неговото здравје. Неговиот син, Себастијан Лаи, рече дека неговиот татко страда од дијабетес, значително ослабел и му е одбиена независна медицинска нега.
Адвокатот на Лаи, Роберт Панг, претходно му рече на судот дека Лаи доживувал епизоди на вртоглавица и палпитации, што довело до привремено одложување на судењето, а судот наредил да му бидат обезбедени лекови и монитор за срце.
Комитетот за слобода на Хонг Конг рече дека судењето на Џими Лаи било „наместено судење“ и „целосно уништување на угледот на Хонгконг како глобален правен центар“. Организацијата соопшти дека Лаи станал симбол на конфликтот меѓу демократските вредности и авторитарното владеење.
„Со мојот татко се постапува нехумано, но тој е сè уште пркосен и силен“, изјави претходно Себастијан Лаи, додавајќи дека очекува појасно ангажирање на британската влада во неговиот случај.