Кои се Палестинците ослободени од израелските затвори

Првата група на ослободените вклучуваше 69 жени и 21 тинејџери, од Западниот Брег и Ерусалим


Ослободените Палестинки пристигнуваат во Западниот Брег

 

Во неделата, многу Израелци останаа залепени за ТВ екраните цело попладне за да видат како трите заложнички беа пуштени од Хамас со посредство на Црвениот крст. Снимките покажаа дека улиците се преполни од илјадници Палестинци, вклучително и вооружени лица на Хамас со зелени ленти за глава, додека милитантите ги предаваа заложничките на Црвениот крст на преполната улица во градот Газа.

На видеата објавени од израелската влада, жените се гледаат како плачат и ги гушкаат членовите на нивните семејства.

Аплауз избувна меѓу илјадниците кои се собраа да ги гледаат потресните сцени на големите екрани на Плоштадот на заложниците, плоштад во Тел Авив каде семејствата и поддржувачите на заложниците протестираа неделно барајќи договор за прекин на огнот.

Ослободената израелска заложничка Емили Дамари во прегратките на нејзината мајка Менди

Беа потребни уште седум часа за ваквите сцени да се развијат на окупираниот Западен Брег, каде што расположението првично беше придушено бидејќи израелската војска предупреди дека јавните прослави за ослободените затвореници ќе бидат казнети.

Но, препукувањата со израелските безбедносни сили и неколкучасовното чекање не помогнаа да ја одвратат толпата што ги преплави улиците околу 1 часот по полноќ, додека големите бели автобуси со 90 палестински затвореници – сите жени или тинејџери – излегоа од портите на затворот Офер, во близина на Рамала, градот на Западниот Брег. Возачите ги запалија моторите на прослава. Избувна огномет. Неколку мажи се качија на автобусот и истакнаа три знамиња на Хамас. „Господ е поголем!“ извикуваше толпата.

Многумина од ослободените изразија воодушевување обоена со тага за уништувањето предизвикано од војната во Газа. Првата група од ослободените вклучуваа 69 жени и 21 тинејџери, од Западниот Брег и Ерусалим, според Хамас.

„Двојно чувство“ е како тоа го опиша најистакнатиот ослободен затвореник, Калида Џарар (62). Џарар е водечки член на Народниот фронт за ослободување на Палестина, секуларна левичарска фракција која беше вклучена во нападите против Израел во 1970-тите, но подоцна ги намали милитантните активности. Од нејзиното апсење кон крајот на 2023 година, таа беше држена под административен притвор со неодредено обновување – широко критикувана практика што Израел ја користи против Палестинците.

„Постои двојно чувство во кое живееме, од една страна, чувство на слобода, за кое им благодариме на сите, а од друга страна, оваа болка, поради губењето на толку многу палестински маченици“, рече таа за Асошиетед прес.

Меѓу пуштените од затвор Палестинки најпозната е членката на ПЛО Калид Џарар

Меѓу ослободените се и:

Бушра ал Тавил, палестинска новинарка затворена во Израел во март 2024 година. „Чекањето беше исклучително тешко. Но, фала му на Бога, бевме сигурни дека во секој момент ќе бидеме ослободени“, изјави таа за агенцијата Франс прес.

Шата Џараба (24), која беше уапсен поради објава на социјалните мрежи во која ја критикуваше „бруталноста“ на кампањата на Израел во Газа. „Многу сум среќна. Фала му на Бога што сум надвор. Многу лошо ме третираа во затвор. Беше ужасно“, изјави таа за „Гардијан“.

Ахмад Кша, 18, кој беше уапсен во јануари 2024 година во Џенин. „Ме уапсија затоа што брат ми загина за време на престрелка во Џенин. Откако умре, ме уапсија. Тие упаднаа во нашите ќелии во саботата пред да нѐ пуштат и фрлија солзавец врз нас. Нѐ мачеа во ќелијата, секој ден. Тие исто така ги мачеле и малтретирале жените“.

Сите оние што беа ослободени беа приведени за, како што ги нарече Израел, прекршоци поврзани со неговата безбедност, од фрлање камења и промовирање насилство на социјалните мрежи до посериозни обвинувања како обид за убиство.

Палестинците се враќаат кон своите разурнати домови поминувајќи низ дистопсики сцени во Газа (Фото: АП)

Следното ослободување на заложниците и затворениците треба да биде в сабота. За нешто повеќе од две недели, треба да започнат разговорите за многу попредизвикувачката втора фаза од договорот за прекин на огнот.

Во Газа, небото над опколената територија беше ослободено од израелски воени авиони за прв ден по еднонеделниот прекин на огнот во ноември 2023 година, нудејќи им на Палестинците шанса да направат увид на уништувањето.

„Овој прекин на огнот е радост помешана со болка“, рече Рами Нофал, раселеник од градот Газа, објаснувајќи дека неговиот син бил убиен во израелски воздушен напад.

Триумфалните милитанти на Хамас се појавија на некои прослави, додека толпата извикуваше слогани за нивна поддршка. Полицијата со која раководи Хамас повторно се појави по повеќемесечно криење.

Некои семејства пеш тргнаа кон дома, со натоварени работи на колички со магариња.

Во јужниот град Рафа, жителите се вратија за да најдат огромно уништување што тие го опишаа како дистопија. Некои пронајдоа човечки останки во урнатините.

„Тоа е како она што го гледате во холивудски хорор филм“, рече Мохамед Абу Таха додека ги прегледуваше урнатините на домот на неговото семејство.

Во Израел, сцените на вооружени напаѓачи на Хамас кои отворено слават на улиците на Газа ја нагласија поделеноста околу договорот за прекин на огнот.

35-годишниот Ашер Пизем од градот Сдерот рече дека договорот само ја одложил следната конфронтација на Израел со Хамас. Тој, исто така, го критикуваше Израел што дозволил помош во Газа, велејќи дека тоа ќе придонесе за заживување на милитантната група.

Израелските сили се повлекуваа од некои области на Газа, во согласност со договорот за прекин на огнот, објавија жителите на северот на Газа.

Околу 90 отсто од населението на Газа е раселено. Обновата – ако прекинот на огнот доведе до крај на војната – ќе трае најмалку неколку години.

Треба да има наплив на хуманитарна помош, со стотици камиони кои секојдневно влегуваат во Газа, многу повеќе отколку што претходно дозволуваше Израел.

„Ова е момент на огромна надеж“, рече шефот за хуманитарна помош на ОН, Том Флечер. „Кревка, но сепак витална“.