Кои се 24-та кандидати за Програмскиот совет на МРТ? Некои бараат и трет мандат

Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања на денешната седницата ја заврши проверката на кандидатурите за членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија. Согласно гласањето на членовите на Комисијата, од пријавените 37 кандидати, поминаа 24, додека на 13 од пријавените кандидатурите им беа одбиени поради немање на комплетна документација.
Меѓу кандидатите кои се најдоа на утврдената листа доминираат дипломирани новинари, политиколози, дипломирани правници, но има и актери, музиколози, продуценти, електроинженер и доктор по економски науки.
Ови кандидати го поминаа филтерот на Комисијата за избори и именувања:
– Валдета Касапи, професорка по албански јазик и книжевност од Скопје,
– Илир Рамадани, магистер по правни науки од Ново Село, Кичевско,
– Лазо Трпков, специјалист политиколог од Скопје,
– Бурим Рамадани, дипломиран музичар теоретичар, педагог од Куманово,
– Златко Јанковски, дипломиран политиколог од Скопје,
– Патриот Лумани, дипломиран новинар од Франгово, Струшко,
– Ристе Панов, дипломиран политиколог и магистер по економски науки од Свети Николе,
– Давор Пашоски, магистер по европски студии за интеграција од Скопје,
– Марјан Велевски, дипломиран новинар од Скопје,
– Миле Грозданоски, дипломиран по историја на книжевности од Скопје,
– Селпин Керим, дипломиран актер од Скопје,
– Смилка Јанеска-Саркањац, диплломиран инженер по електротехника и доктор по економски науки,
– Ведат Мемедалија, дипломиран новинар и економист од Слупчане, општина Липково,
– Никола Мадиќ, дипломиран продуцент, магистер по менаџмент на човечки ресурси,
– Анита Селими, дипломиран правник од Скопје,
– Музбајдин Ќамили, дипломиран актер од Тетово,
– Ивана Ефремоски, дипломиран новинар од Скопје,
– Билјана Бабиќ, дипломиран новинар од Скопје,
– Антонио Цилаков, магистер по правни науки од Велес,
– Владимир Палашевски, дипломиран политиколог од Скопје,
– Томислав Кежаровски дипломиран правник и политиколог од Скопје,
– Владимир Крстевски, дипломиран продуцент од Скопје,
– Беким Лачи дипломиран професор од Скопје,
– Маја Седрак, магистер по музички науки од Скопје.
Во расправата беше забележано дека некои од утврдените кандидати, се пријавуваат за трет мандат, што со законот не е дозволено.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, рече дека тројца кандидати (Ристо Панов, Смилка Јанеска-Саркањац и Ведат Мемедалија), плус дипломираниот новинар Гајур Рамадани, треба автоматски да бидат избришани од листата. Тие биле дел од Програмскиот совет кој во 2018 година добил уште еден мандат, а со измените во законот им бил даден, рече тој, речиси неограничен мандат до изборот на нов Програмски совет. Според него, тие се во втор мандат од 2018 година и ако се изберат би биле во трет мандат, што би било во контрадикција со член 118 од законот со кој се дозволени само два мандата.
„Овие луѓе треба автоматски да бидат дисквалификувани, особено што еден од овие бил и претседател на Програмскиот совет веќе речиси 13 години. Во однос на нивната работа понатаму можеме многу да дискутираме затоа што сметаме дека има и противзаконски постапки во нивните работи. Но според членот 118 сметам дека сите четворица кандидати треба да бидат дисквалификувани од конкурсот“, рече Мециновиќ.
Пратеникот Халил Снопче од Алијансата на Албанците (крилото на Арбен Таравари) се согласи со реакцијата на Амар Мециновиќ и дека принципиелно има право дека во случај да е ова нивен трет мандат тоа би било во спртотивност со чл 118, но очекува тоа да биде разрешено од Комисијата кога ќе дојде времето на избор.
Пратеничката Илире Даути од ДУИ побара објаснување за кандидатите кои конкурирале, но не доставиле целосна документација дали биле дополнително контактирани од Комисијата во однос на можноста дополнително да ги достават документите кои им недостигаат. Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, кажа дека нема обврска Комисијата да ги контактира кандидатите и оти оној што ги исполнува условите ќе учествува на јавна расправа.
Снопче на крајот од седницата побара Комисијата да не биде ригорозна и да се препорача во иднина кандидатите кои не ги доставиле документите да имаат можност дополнително да ги достават кога е во прашање исполнување на техничките услови.
Пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ се спротивстави на овој предлог и кажа дека Собранието е тоа кое ги бира членовите на Програмскиот совет и дека кандидатите имале доволен период да ја покажат својата сериозност и преку комплетирање на потребната документација.