Кои гаранции ќе ги даде Мицкоски?

Она што зачудува и никој не го прашува премиерот Мицкоски, додека бара залудно гаранции од ЕУ и од Бугарија, кои се неговите гаранции како ќе ги спроведува реформите без преговори со ЕУ


Долго исправената кичма што не се витка предизвикува голема болка. Човек не може да се наведне. А, и кога ќе се наведне едвај може да се подисправи, лесно се паѓа на колена. Неопходна е физикална терапија, вежбање под надзор на физиотерапевт со често наведнување, исправање и масажи, а помага и пливање.

Добро е што челниците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери во владата „Вреди“и ЗНАМ почнаа да вежбаат склекови и да пливаат, па час се исправени, час наведнати. Кога се дома во татковината се исправени како пушка, а кога се надвор од земјата ја заземаат положбата на кифла по успешните масажи на европските и белосветските масери. Недостасува уште малку наведнување да ги допрат прстите на нозете со прстите на рацете и по дома и по надвор. Мислам дека оваа терапија им оди добро.

Ги нема повеќе жестоките критичари на велепредавничките договори со соседите кои аплаудираа на исправање на кичмите и враќање на гордоста и достоинството на македонскиот народ. Некако наеднаш замолкнаа, откако слушнаа дека договорите со комшиите и не биле така лоши и дека не може да се менуваат, ни тие, ниту пак преговарачката рамка со ЕУ. А, и донесувањето на уставните измени не бил некаков голем проблем, ако Бугарите влезат во Уставот заедно со 11 други делови од народи што живеат во Македонија, само  е неопходна некоја гаранција, каква-таква од Бугарија или поточно од Европа, колку да се оправдаат големите лаги. Можеби на поддржувачите на патриотизмот им текнува дека испаднаа „корисни будали“ во фазата на предизборните кампањи за освојување на власта, па сега најмудро им е да молчат и да чекаат од која страна ќе дува ветерот.

И опозицијата која ги направи „националните предавства“ залудно дневно по трипати го прашува премиерот Христијан Мицкоски кои му се плановите во врска со членството во ЕУ и кога ќе ја тргне самоблокадата кога има повеќе од двотретинско мнозинство во Собранието. Не ми е јасно зошто тоа го прашуваат постојано кога и тој самиот не знае и нема никаков план во врска со ЕУ. Она што е јасно и не се крие е што единствениот план на власта и на премиерот Мицкоски се локалните избори. Сѐ друго е чекање на слепиот колосек.

Она што зачудува и што е несфатливо и никој не го прашува премиерот Мицкоски, додека бара залудно гаранции од ЕУ и од Бугарија, кои се неговите гаранции како ќе ги спроведува реформите без преговори со ЕУ. Како ќе се одрази тоа на политичката и економската стабилност на државата. Постои ли некаква анализа што ќе се случува со Македонија ако во периодот на одложувањето на уставните промени и на преговорите со ЕУ настапат непредвидливи ситуации предизвикани од геостратегиски промени кои Македонија ќе ја доведат во безизлез.

Кога големите сили преговараат 

Историјата е преполна со драматични и трагични промени кога големите сили по војните седнуваат на маса за преговори. Најчесто страдаат малите држави, кои во такви случаи се монети за поткусурување при поделба на интересите на велесилите. Владите со визии мора да сметаат на такви ситуации. Која ќе биде тогаш цената што ќе ја платат граѓаните на Македонија што не се во сојуз кој гарантира стабилност и развој, финансиска и стручна помош. Колкаво предавство е тоа на националните и државните интереси поради неколку градоначалнички места повеќе на локални избори. Може ли Мицкоски да даде некакви гаранции дека Македонија нема да ја доведе во таква трагична ситуација со својата политика на одложување на преговорите со ЕУ, овојпат по вина од наша страна и немање стратегија за иднината на земјата.

Деновиве на социјалните мрежи осамна цитат од изјавата на премиерот на Југославија Анте Марковиќ искажана една година пред распадот на Југославија: „Заблудите ќе ги платиме со сиромаштија и со труење на духот, и со положба на далечна периферија на Европа“. Ви заличува ли тоа и на сегашната положба на Македонија.

Бев присутен кога на Анте Марковиќ во 1990 година во Охрид во манастирот „Свети Наум“, при посетата на црквата, некој од присутните му рече дека ако легне на плочата на гробот на Св. Наум Охридски ќе биде излечен од сите болести. Такво верување постои кај народот. Анте се насмеа, ама седна на плочата, Кога стана рече не можеме да ја легнеме маченичка Југославија, ниту пак да ни помогне Св. Наум штом не сакаме сами да си помогнеме. 

Не ни треба чудотворец 

Премиерот Мицкоски не треба да изигрува чудотворец, го има решението. Само треба и дома да ја свитка кичмата пред тие што ги излажа и да ги стави на дневен ред уставните измени без ничиј диктат. Собранието треба со големо мнозинство на проевропските политички партии да ги донесе уставните измени како сопствена одлука, без одлагање и јалови преговори и договори со соседите, кои нема да донесат никаков резултат. Таквата одлука нема да ги отвори веднаш вратите на Европа, ама во државата ќе почне еден многу позначаен натпревар, а тоа е остварување на реформите кои ни се потребни нам, многу повеќе од било каква протекционистичка одлука на ЕУ. Сѐ додека во Македонија не стане мерило на успехот на политичките партии на власт и конструктивноста на опозицијата нема да се случат чуда, ниту ќе мрднеме чекор напред. Без консензус за најголемиот државен интерес ниту една држава не успеала да стане членка на ЕУ.

Неправдите кои ни се нанесени и од Европа и од соседите ќе може да се исправат и да добијат поголема гласност во светот кога идните генерации македонски политичари ќе седат на заедничка маса во Брисел каде ќе можат во едни многу поинакви околности да ги остваруваат државните интереси и да ги исправаат неправдите. За тоа постојат повеќе примери кај новите членки на ЕУ од Источна и Централна Европа. Сведоци сме секојдневно дека таа „битка“ сѐ уште трае.

Едно зборуваа политичарите на источно и централноевропските држави кога беа кандидати за членство и кога преговараа со ЕУ, за потоа откако станаа членки и ги совладаа механизмите на одлучување, работите драстично се изменија. Остварувањето на интересите во натпреварот со земјите на стара Европа сѐ уште е макотрпен, но многу полесен отколку кога чмаете во чекалницата каде важат сосема други правила.

Во политиката нема вечни решенија и вечни пријателства. Има само вечни интереси. Оваа одамна позната максима во Македонија е заменета со вечно барање на правда која во политиката на интереси и моќ никогаш немала пресудно значење. Консензус со извинување за лагите и грешките е решението за Македонија. Може и без извинување. Друго чаре нема. Татковината еден ден ќе ги препознае сите колку придонеле и грешеле и ќе ги смести каде што заслужуваат. 

(Линк до текстот во Дојче веле овде)