Кого прислушувале АНБ и АР? Мицкоски: Не сум изненаден

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неколку новинари и најмалку еден јавен обвинител биле незаконски следени и прислушувани од страна на лица од македонската тајна полиција (Агенцијата за национална безбедност – АНБ), во периодот од 2019 до 2024 година, јавуваат некои медиуми, но од Обвинителството ниту ги потврдуваат, ниту ги демантираат одвие тврдења.
Се истражуваат незаконските следења и прислушувања: Обвинителството со став
Обвинителството засега не може да открие кои се лицата кои биле таргет на Агенцијата за национална безбедност, односно дали во известувањата за незаконско следење и прислушување се и имињата на премиерот Христијан Мицкоски, разрешената јавна обвинителка Вилма Русковска, новинарите Кристијан Ландов и Љупчо Златев.
„Известувањата од АНБ за кои покажувате интерес се доставени до ОЈО ГОКК на почетокот на минатиот месец. Обвинителството веднаш отвори предмет по кој активно се постапува во насока на испитување на наводите од известувањата, што подразбира дека во моментов станува збор за спроведување на предистражна постапка,“ велат од ОЈО-ГОКК.
Оттаму нагласуваат дека, поради тајноста на предистражната постапка, во моментов не можат да се споделат детали за преземените и идните мерки и активности што ги спроведува надлежниот обвинител.
Мицкоски: Не сум изненаден што ме прислушувала АНБ
Едно е факт, дека двете Агенции и Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за Национална безбедност темелно се занимавале со претседателот на, во тоа време, најголемата опозициска партија, т.е. со мене. Меѓудругото, и со новинари, бизнисмени.
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кажа дека сега сѐ е во рацете на правосудните органи.
-Еве, да оставиме периодов процесот да тече, да видиме Обвинителството што ќе каже, судиите во еден судски процес, рече Мицкоски.
Вели дека, барем за прислушувањето на неговиот телефон, не бил изненаден.
-Јас сум навикнат. Еве, истекува осмата година откако сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Навикнат сум на таков тип на луѓе. И не ме изненадува тоа, бидејќи и тогаш стигаа до нас информации, што сѐ се случува. Едноставно, таков тип на луѓе, јас би ги нарекол, полусвет, немаат во животот доволно мотив да се занимаваат со убави работи, па се занимаваат со туѓите животи, мислејќи дека на тој начин ќе добијат некаква пофалба, некаква предност кај нивните наредбодавски. И ќе напредуваат во своите кариери, рече Мицкоски.
Очекува, како што ги нарече, „овие глодари“ да завршат зад решетки.
-И еднашзакогаш да се стави крај на злоупотребата на ваков тип на Агенции и ресурсите со коишто тие располагаат, рече Мицкоски.