Кого ќе спасува Курти во Македонија – Африм Гаши или Вјоса Османи?
Посетата на Курти денес пред се треба да покаже дали Косово и Македонија ќе ги постават односите на нова основа и ќе одат напред или ќе има и други епизоди како онаа со Вјоса Османи
Премиерот на Косово, Албин Курти, денес ќе има тешка задача во Македонија. Сите очекувања се дека тој ќе го расчистува инцидентот во кој беше инволвирана косовската претседателка Вјоса Османи, од чиј третман од страна на македонските аеродромски служби се најде навредена и понижена јавноста во Косово, но и Албанците во Македонија.
Но, прашање е исто така дали Вјоса Османи намерно му ја расипа билатералната посета на Курти на Македонија, ако се точни тврдењата дека таа била договорена претходно, а инцидентот го стави во ситуација да поправа место да поентира со унапредување на односите со нашата држава.
Иако се турка тезата дека новата влада е просрпска и ги зајакнува односите со Белград, не е се така праволиниско и во Приштина, каде што Вјоса Османи ја губи поддршката од сопствената партија која се врти кон тесна соработка со Самоопределување на Курти, додека таа сѐ повеќе се разидува со премиерот околу надворешно-политичките прашања.
Со оглед на тоа дека разговорите ќе бидат зад затворена врата и на јавноста веројатно ќе ѝ се сервира малку од тоа, очекувањата се дека средбата на Курти со премиерот Христијан Мицкоски ќе стави крај на оваа епизода, а ако зад неа има поширока заднина, да ги однесе во друг правец односите со Приштина од тоа што го гледавме досега.
Поради големиот процент на албанско население во земјата македонските влади од осамостојувањето прогледуваа низ прсти, т.е. ги толерираа екцесите и патронатското однесување на некои косовски политичари во земјата, а инцидентот со претседателката Османи најверојатно ќе биде првата порака дека таа соработка нема веќе да биде на штета на Македонија и дека присуството на „Вреди“ во власта со нивните нонсенс политички идеи, како таа за академијата, не значи дека косовските политичари можат да се однесуваат во нашата држава како да им е резервна.
Иако истрагата не е завршена и фактите сѐ уште не се целосно познати на јавноста околу инцидентот, тоа што Османи си дозволи да бара асистенција од спикерот на Собранието Африм Гаши и тоа што тој како претставник на втората највисока функција во државата реагираше како нејзин телохранител, покажа дека нешто суштинско треба да се пресече во начинот на кој функционираат односите на албанските партии со тие на Косово, па и во Албанија. Иако дојде на оваа функција како лидер на партија која едвај има некое членство, Гаши не покажа ни политичко достоинство што треба да го има политичар што утре, ако се случи вонредна ситуација, треба да ја води Македонија како в.д. претседател и сите да му веруваат. Вака тој покажа дека не знае ни која е улогата на институциите и каде може да се меша со ингеренциите, праќајќи свое обезбедување да се заканува на аеродромското обезбедување.
Од овој аспект многу поверојатно е дека Курти ќе го спасува Гаши од гафот што стави голем прашалник околу неговата способност да се носи со функцијата што ја доби во коалициската распределба, отколку што ќе ја спасува Османи со која се разидуваат и чија партија веројатно сака да ја стави под контрола пред изборите во Косово.
Средбата денес на Курти со Мицкоски всушност ќе покаже дали има и која е политичката заднина на овој инцидент, освен претседателската суета на Вјоса Османи и нејзините релации со ДУИ, наспроти релациите на Курти со „Вреди“. Прашањето пред сѐ е дали имаше политичка инспирација за инцидентот пред, или откако се случи, и дали тоа беше импулсивна политичка реакција или планирано приземјување на косовската претседателка во Скопје?
Она што стана очигледно по инцидентот е дека наспроти тешките зборови и навреди од кабинетот на Османи и протестната нота од тамошното Министерство за надворешни работи, од Македонија таа доби само жалење, но не и извинување, и тоа од многу пониско ниво од нејзиното. Видливо е исто така дека не ѝ се јави ниту по женска линија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а од Мицкоски само стигна пораката од Мечкин Камен за симнување од „маса“ на етничките барања. Веќе е јасно дека нема ни да има извинување и дека целата политичка штета од инцидентот ќе ја плати Османи, а покрај неа и „Вреди“ за несоодветното однесување на Гаши, па и ДУИ за патетичните изливи во стилот „Косово, прости ни“, без да ги почекаат информациите од инцидентот.
Посетата на Курти денес пред се треба да покаже дали Косово и Македонија ќе ги постават односите на нова основа и ќе одат напред или ќе има и други епизоди како оваа. Не е исклучено притоа оваа порака преку Османи да е упатена најмногу на лидерите на „Вреди“ откако излегоа со идејата за втора албанска академија, затоа што наводно нема доволно Албанци академици во МАНУ и технички кадар.
Пред „Вреди“ да дојде на власт Вјоса Османи беше нивна гостинка во Тетово и во Скопје, посета што помина со демонстрација на патетичен национализам и вазалство кон Приштина. Тогаш Касами ја дочека Османи со зборовите „добродојдовте во албанскиот главен град во Македонија“, но подоцна се правдаше дека мислел на албански центар, додека Вјоса Османи ја величаше „заедничката историја“. Касами притоа ѝ даде на Османи „клуч од Тетово“ за да се чувствува како дома, а таа исфрли еден куп обвинувања кон српското население во Косово и кон официјален Белград, што беше недипломатски за гостинка.
Очигледно некој проценил дека на таа предизборна реторика и практика треба да ѝ дојде крај, макар и по цена на влошување на односите со Приштина – или со некои политичари во неа. Факт е дека ниту Курти ниту Вјоса не успеаја да изградат пријателски односи со функционерите во Македонија и дека сѐ што правеа беше на релација со албанските партии, дотаму што отворено се мешаа во изборите во нашата држава и создадоа политичка партија. Курти преку грбот на Македонија сакаше да го решава и спорот со Србија, иако нашата држава на штета на односите со Белград меѓу првите ја призна независноста на Косово и некоректно беше да се очекува од нас да ги влошуваме односите со соседна земја со која самите треба да најдат решение за нормализација. Затоа денешната средба на Курти со Мицкоски е средба со реал политиката.