Кога ќе соберат храброст за државнички одлуки нека ми се јават, повика Ковачевски


Фото: Б. Грданоски

 

„Ставот на СДСМ и мојот став се јасни. Успеавме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ, успеавме да испреговараме рамка во која имаме заштитен македонски јазик, идентитет и култура, и кога ќе соберат храброст тие што немаат храброст нека ми се јават, кога ќе соберат храброст сите да донесат одлуки“, рече денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за уставните измени.

„Може да ми се јават кога ќе седнат и кога ќе соберат храброст сите да донесат одлуки, важни за иднината на државата. Јас мојот став веќе сум го искажал со ставање на мој потпис на уставните измени кои се поднесени во Собранието. Ние преговаравме долго со Бугарија, со Франција со други земји членки на ЕУ. Имавме помош од земји стратешки партнери наши и успеавме да испреговараме преговарачка рамка“, рече Ковачевски.

Тој уште додаде: „Еднаш засекогаш треба да постои документ во кој јасно се диференцираат македонски од бугагарски граѓани и конечно да падне во вода старата вмровска теза дека ова е еден народ кој живее во две држави. Со ова паѓа вмровската теза во вода и ќе имаме Македонци и ќе имаме дел од бугарски народ кој живее во Македонија. Колку се тие, тоа е определено со пописот и така како што се попишале граѓаните во Македонија, исто како што се попишуваат Македонците, Албанците и Србите, и Власите и Ромите и Бошњаците и сите други кои живеат во нашата држава“.

Според него, истите што тогаш немаа хрбарост и сега немаат. „Исто како што имавме јасен став при прифаќањето на европската преговарачка рамка, отпочнувањето на преговорите и отпочнувањето на процесот на уставни измени. Што се однесува до мене уставните измени може да ги гласаме денес, утре, може да ги гласаме задутре, пред формирање на влада, по формирање на влада, на исти ден со формирање на Влада. Во 12 напладне, 12 навечер ,3 попладне, 3 сабајле, како ќе кажат така. Ние сме подготвени тоа да се заврши и Северна Македонија конечно да ги отвори сите поглавја. Одлучно и храбро и нема откажување од иднината“, рече Ковачевски.