Кога „Глумците пеат“, Скопје се забавува


Македонската музика блесна во ново руво на двете вечери на „Глумците пеат“ во МНТ, шоу кое Скопјани со нетрпение го очекуват, наследство на Марин Бабиќ, кој го создаде во 1990-тите, а денес продолжува преку неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ.

Повеќе од 50 уметници, со специјална кореографија (Олга Панго) и костими ( Марија Папучевска), годинава настапија со програма посветена на македонската музика — песни што публиката добро ги знае, но ги слушна поинаку. Форматот, по традиција, ги става актерите во поинаква улога, каде музиката станува личен израз, а препознатливите композиции добиваат нов живот низ соло изведби, дуети и групни точки. Се пее и се свири во живо, идеите се создаваат на пробите, а токму таа слобода му дава посебна динамика на шоуто и ја создава атмосферата по која е препознатливо.

Некои од актерите оставија белег по впечатливиот глас, некои со изборот на облеката, а некои со досетките и случувањата на сцена. Па така, сите зборат за трудничкото стомаче на Емилија Мицевска која во шести месец на бременоста испеа хит од Верица Ристевска. Или пак, Тања Кочовска понесена од атмосферата, во лежерно издание, покажа колку е природна и спонтана, па се прекачи од ложата во публика на сцена. Или пак, Зорица Поп Панкова која запеа од публика кога Антонио Ташковски ја најави како „вистинската диско девојка“. Весна Петрушевска ја испеја нејзината омилена „Штом се сака“, Рубенс Муратовски на „Наташа од трето три“, настапи со своите синови. Впечатлив квартет во хит на Калиопи беа Гордана Ендровска, Катерина Илиевска, Калина Наумовска и Билјана Драгичевиќ-Пројковска, а Горан Ников и Марина Поп-Панкова беа шармантен дует со песна од Симеон Гугуловски.

Весна Петрушевска ја испеја нејзината омилена „Штом се сака“, Тина Трпкоска, прерушена како Гиш, ја испеја евровизиската „Самовилска свадба“ од 1998. Уникатен сценаски настап имаше Слаѓана Вујошевиќ.  Додека ја пееше песната „Емил врати се“ од „Бастион“ – едната половина од телото ѝ беше маскирана во маж, другата во жена и додека се вртеше лево и десно, пееше и глумеше два лика одеднаш, и доби долги аплаузи.

Годинава првпат дел од проектот се Владимир Петровиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Денис Абдула, Анастасија Трајковска и Катерина Јовановиќ, кои настапија заедно со веќе препознатливите имиња на шоуто: Игор Ангелов, Рубенс Муратовски, Весна Петрушевска, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Петар Горко, Сања Арсовска, Катерина Илиевска Силјановска, Калина Наумовска, Марина Поп Панкова, Слаѓана Вујошевиќ, Маја Андоновска Илијевски, Гордана Ендровска, Емилија Мицевска, Трајанка Илиева Велиќ, Нина Деан, Наталија Теодосиева, Тина Трпкоска, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Антонио Ташковски и Горан Ников.

Режијата на шоуто е на Дејан Пројковски, а актерите  ги придружуваше голем оркестар под диригентска палка на маестро Љупчо Мирковски. Аранжманите се на Бобан Мирковски. (Л.С.)

Фото: „Глумците пеат“