Кое е вистинското водостопанско и енергетско решение за ХЕЦ „Чебрен“?

Зошто ЕСМ не ја користи физибилити студијата за „Вардарската Долина“ изработена од Франција во 1994 година, туку се потпира на проектот изработен од белградски „Енергопроект“ во 1980-те?


Долината на Црна Река во поновата историја на хидроенергетиката на Македонија за прв пат се споменува во Водостопанската основа во 1953 година. Во тој период за прв пат се спомнува за можна изградба на три хидроелектрани ХЕ „Чебрен“, ХЕ „Галиште“ и ХЕ „Тиквеш“ по долината на Скочивирската клисура до вливот на Црна Река во Вардар.

Од овие три хидроцентрали во периодот од 1963 – 1969 година ќе се изгради ХЕ „Тиквеш“ како последна хидроелектрана во сливното подрачје на Црна Река со висина на насипаната брана од 105 метри, каде се очекува сигурен и максимален доток на реката. Од друга страна, освен максималното производство на електрична енергија, акумулацијата ќе се користи за заштита од поплави како и наводнување на Тиквешкото Поле.

Во периодот од 1971 до 1977 година на барање на Грција од ООН се добиваат финансиски средства и се формира домашна македонска организација под името „Бонификација на Вардар“, која има за цел да ги истражи водостопанските и енергетските можности на сливот на Вардар, кој опфаќа 80 отсто од вкупната територија на Македонија.

Истражувањата се вршени од реномирани фирми, а за ХЕ „Чебрен“ и ХЕ „Галиште“ се предвидуваат лачни бетонски брани со висина меѓу 100 до 120 метри. Набрзо по завршувањето на студијата организацијата се распаѓа, а Грците не ја прифаќаат студијата затоа што таа се однесувала за територијата на Југославија, а не за Македонија кои тие не ја признаваат.

Во осумдесетите години во Југославија интензивно се градат термоелектраните на јаглен и мазут. Здружението на тогашните југословенски електростопанства ЈУГЕЛ, финансира идеен проект за Голем ХЕ „Чебрен“ со брана на Црна Река за потребите на тогашниот заеднички електро енергетски систем, кој треба да го финансираат и градат сите југословенски републики. Проектот беше работен согласно тогашните закони за води, каде на прво место беше користење на водата од реките за енергетиката, а за еколошките и климатските промени не стануваше збор. Проектот го работеше „Енергопроект“ од Белград.

Меѓутоа, ревизијата на овој идеен проект заклучи дека овој проект е предимензиониран во однос на можностите и протокот на Црна Река, дека е тотално финансиски нерентабилен, технички нереален и се откажа неговата реализација.

По осамостојување на Македонија во 1994 година се изработи Програма за стратешкиот проект „Вардарска долина“, која беше прифатена од првата Влада на Македонија и Собранието. Оваа Програма беше изработена од страна на стручни лица од областа на хидроенергетиката, водостопанството, земјоделието, железничкиот и патниот сообраќа,ј како и екологијата.

Прва европска земја која покажа интерес за изработка на оваа Програма беше Франција. Со доаѓањето на првиот француски амбасадор во Македонија, успеваме да обезбедиме финансиски средства за изработка на физибилити студија за интегралниот проект „Вардарска долина“. При тоа дојде до формирање на францускиот конзорциум кој финансираше 80 отсто од вредноста на студијата и македонски конзорциум кој ги финансираше останатите 20 проценти. Во македонскиот конзорциум освен Владата на Р.М. имаше уште 16 членки и тоа: градежни фирми, банки, осигирителна компанија, институти и др. Студијата се работеше согласно европските закони за води. Во 2007 година нашиот Закон за води се промени и ги прифати ЕУ законите за води.

На тој начин ние денес располагаме со една единствено валидна физибилити студија која одговара на европските критериуми за води, каде на прво место е користењето на водите за пиење и наводнување, а користење за енергетика е на петто место.

Максимално се почитува еколошката заштита и климатските промени.  Тоа значи дека проектот и тендерот за ХЕ „Чебрен“ („Голем Чебрен“) кој го нуди ЕСМ е невалиден затоа што е работен по стариот Закон за води и како таков треба да се преработи. За жал, физибилити студијата изработена од ЕДФ-Франција не е прифатена од раководството на ЕСМ – Развој. Дури не ја споменуваат дека постои во нивната документација.

Која е ЕДФ-Франција? Тоа е компанија од Франција која има изработено повеќе од 750 хидроелектрани и брани низ целиот свет. Ја финансираше изработката на физибилити студијата за „Вардарска долина“. Работеше во Македонија речиси пет години и го има запознаено вкупниот хидроенергетски потенцијал во државава. Прва и едниствена која се заинтересира да работи на Програмата за физибилити студијата за „Вардарска Долина“. По петгодишна работа, изработка на оптимизационен модел, ги даде димензиите на браните и котите на акумулациите во сливот на  Вардар.

ЕСМ упорно веќе 20 години го форсира и ја манипулира јавноста во Р.Македонија ПАХЕ „Чебрен” Проект и тендер изработени од „EXERGIJA“ (Грција) разработени во периодот 2000-2002 година. Зошто? При реализација на проектот и тендерот од „EXERGIJA“ е направен одреден криминален договор меѓу човек-фирмата „EXERGIJA“, ЕСМ и тогашното Министерство за стопанство.

Од ФАРЕ -програмата се добиени финансиски средства од 1,4 милиони евра за реализација на соодветна проектна задача која предвидува изработка на три идејни проекти и тендер документација за: ХЕЦ „Скочивир“, ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“ согласно резултатите и оптимизацијата од физибилити студијата на ЕДФ-Франција. Меѓутоа ЕСМ го доставува на „EXERGIJA“ неважечкиот идеен проект од „Енергопроект“ од Белград од 1983 година за ХЕЦ „Чебрен“. „EXERGIJA“ работи по проектната задача ХЕЦ „Чебрен“ го прави реверзибилен, прави тендерска документација и го доставува до ЕСМ. Со таа невалидна техничка документација ЕСМ, ја манипулира македонската јавност, МАНУ и Владата на Македонија, цели 20 години во кои распишува 15 тендери, кои не се прифатени од странските инвеститори.

Сливното подрачје на Црна Река е многу специфично и мултифункционално. Водата се користи за: пиење, наводнување (на Пелагонија), индустријата за производство на храна, за еколошки потреби и на последно место за енергетски потреби. Тоа значи голем број на спротивставени интереси за користење на водата, кои стручните служби и лица на ЕСМ – Развој не ги согледуваат или не сакаат да ги согледаат.

За жал, тие добиваат поддршка од стручни лица кои имаат финансиска корист од таа прикаска за „Голем Чебрен“, а тука се вбројуваат и професори од Градежен факултет, од Електро и Машинскиот факултет од Скопје. Регионот на ХЕЦ „Голем Чебрен“ се прогласува за регионален енергетски центар, дури за изградба на нуклеарна електрана, која ќе ја спаси Македонија од енергетски аспект. При тоа не согледува дека ќе дојде до физичко уништување на водотокот на Црна Река како прво, а второ, Мариовскиот регион наместо да се пошуми и озелени ќе стане камена пустина.

Што можеме да согледаме на профилот „Чебрен“, кој се наоѓа на средината меѓу изворот на Црна Река и вливот во Вардар?

– Можеме да констатираме еден идеален „V“ профил за бетонска лачна брана кој може да обезбеди висина на браната од 192 метри и простор од 1 милијарди м3 вода.

– Можеме да констатираме еден идеален геолошки профил за лачна брана чии бокови на карпата се составени од гнајс – гранитен водонепропусен материјал што е докажано со обемни геолошки истражувања.

 – За да се изгради браната „Голем Чебрен“ потребно е да се вградат 1 милион метри кубни армиран бетон, што го прави објектот извонредно скап и тежок за реализација. Вкупната вредност на ПАХЕ „Чебрен“ може да изнесува од 800 милиони до 1 милијада евра и време на градба околу 8 години. За тој период сигурно ќе се најде техничко решение за користење на вишокот на елелектрична енергија од фотовотаиците. Во тој случај ПАХЕ Чебрен ќе остане вечен споменик кој практично еколошки ќе го уништи водотекот на Црна Река.

– Според една анализа која ја работи Verbund Plan Австрија за чинење на €/ kWh по однос на висината на браната се покажува дека оптималната цена за бетонот е за висина на браната од 110-130 метри, а за висина од 192 метри („Голем Чебрен“) цената на вградениот бетон се зголемува за 25 проценти.

– Меѓутоа, средно годишниот проток на реката е сосема скромен Qsr=21,61 m3/s или 682,0 x 106 m3 ако сета вода во Пелагонија се користи за енергетски цели, односно потреби.

– Но, ако направиме едно балансирање на водите во Пелагонија со помош на софтверот за оптимизација, ќе ги добиеме следните резултати на профилот „Чебрен“:

         * расположливи води на профилот 682,0 x 106 m3/год

         * вкупни потреби во Пелагонија 554,9 x 106 m3/год

         * повратни води 251,0 x 106 m3/год

         * биланс на води за ел. енергија 378,1 x 106 m3/год

– За да се наполни просторот на ХЕЦ „Голем Чебрен“ ќе требаат 3 години, а каде се низводните потреби за ХЕЦ „Тиквеш” и наводнување на Тиквешко Поле.

– За да се изгради реално висока лачна брана ХЕЦ „Чебрен“ согласно резултатите од оптимизацијата на конкретниот систем брани со H= 110-130 m треба да се вгради меѓу 400.000 и 450.000 м3 бетон МБ30. Оваа документација и количина бетон за нашата градежна оператива е сосема прифатлива и можна. Активниот простор во акумулацијата од 133,0×106 m3 е можен и во средно влажна година, а еколошките услови се задоволени, бидејќи биодиверзитетот во акумулацијата е во граници на нормала.

– При тоа не треба да се заборават заклучоците на студијата која е работена во периодот од 2006 година за подрачјето на Пелагонија од страна на Институтот за климатски промени од Нова Горица, Словенија, кои тврдат дека врнежите над Пелагонија до 2050 година ќе се намалат за 35 проценти, а потребите од вода ќе се зголемат за 50 отсто.

Согледувајќи ги сите овие проблеми изработувачот на физибилити студијата за проектот „Вардарска Долина” ЕДФ и ЦНР Франција ја применува сета европска законска регулатива за управување со водните ресурси на едно подрачје или слив и за енергетско решение во долината на Црна Река го предлага следното енергетско решение за објектите:

Новите објекти кои треба да се изградат: ХЕЦ „Скочивир“, ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“ се предвидуваат со конвенционални турбини или евенуално турбина-пумпа на иста вертикална оска, значајно помали, поевтини, флексибилни, ги почитуваат хидравличките и енергетските параметри на хидроцентралата ХЕЦ „Тиквеш“. Со други зборови, влијанието на долината на Црна Река е минимално! Во овој случај можно е и финансирањето на системот да биде со сопствени средства. Вкупните финансиски средства за реализација на целиот каскаден систем со сите три нови електрани не треба да надмине повеќе од една милијадри евра и време на реализација од 15 години.

(Јордан Ставров е дипломиран хидроинженер. Тој беше проект менаџер во периодот на реализацијата на физибилити студијата „Вардарска долина“.)