Кобра гризна Британец кој прележал маларија, денга треска и Ковид-19


Индија – Британски хуманитарец се бори против слепило и парализа откако беше каснат од кобра. Тој претходно се изборил со маларија, денга треска и Ковид-19.

Јан Џоунс беше каснат од индиска кобра во регионот Џодпур во пустинската индиска држава и беше примен во болница во градот Џодпур, на околу 350 километри од регионалниот главен град Џајпур.

-Џоунс дојде кај нас минатата недела откако го касна змија во едно село во регионот. Првично се сомневавме дека е позитивен на Ковид-19 (по втор пат), но беше тестиран негативно за тоа, изјави д-р Абхишек Татер, кој го лекувал пациентот во локалната болница. Додека беше со нас, тој беше свесен и имаше симптоми на каснување од змија, вклучувајќи заматен вид и тешкотии при одење, но тоа се обично минливи симптоми, додаде Татер.

Џоунс беше испишан од болница претходно оваа недела.

– Сметаме дека нема да има долгорочни ефекти. Ако веќе не се подобри, тоа ќе го стори во следните неколку дена, додаде лекарот. Тој рече дека каснувањата од змија не се невообичаени во руралните области во регионот.

– Татко ми е борец, за време на неговиот престој во Индија тој веќе страдаше од маларија и денга треска пред да добие Ковид-19“, рече неговиот син Себ Џоунс во изјавата на страницата GoFundMe, поставена да помогне во плаќањето на неговите сметки и да му се овозможи да се врати до островот Вајт во јужна Англија.

– Тој не успеа да се врати дома поради пандемијата и како семејство ја разбравме неговата желба да продолжи да поддржува многу луѓе кои таму се потпираат на него, додаде тој. Џоунс работи со традиционални занаетчии во Раџастан и преку својата добротворна организација Сабиријан помага во увоз на стоки во Велика Британија за да им помогне да избегнат сиромаштија.