Коалицијата „Менуваме“: Најдено решение за проблемот по незаконското намалување поддршка за лични асистенти
По вчерашниот состанок на претставници на коалицијата „Менуваме“ со заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, на денешната прес- конференција изразуваме задоволство затоа што беше најдено решение, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, за нашиот проблем по незаконското намалување на поддршката за лични асистенти – изјави Суарет Алишан, координатор на коалицијата.
На состанокот биле доставени предлог-закон за лична асистенција, предлог-закон за регистер на лица со попречености, извештај што ја отсликува системската дискриминација кон лицата со попреченост од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
– Готов е извештајот од Комисијата за спречување дискриминација. И тој ќе му биде доставен на заменик-министерот Велковски заедно со документите што ни беа побарани. Коалицијата „Менуваме“ почнува со иницијатива заедно со другите граѓански организации за лица со попречености, каде што ќе се достави барање до Владата на Република Северна Македонија за ресорот ова Министерство да биде под ингеренции на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и министер да биде Велковски – додаде Алишан.
Тој нагласи дека сметаат оти со министер како него социјалниот систем, кој моментно не бил во добра состојба, нагласи – ќе може да се подобри.