Од MOS натпревар до светски успеси: Македонски учесници денес градат кариера во Google и IT индустријата


Дигиталните вештини денес не се само предност, тие се неопходност. Токму затоа Microsoft Office Specialist (MOS) натпреварот, организиран од Семос Едукација и Certiadria, претставува уникатна можност младите да ги тестираат своите знаења, да стекнат меѓународно признат сертификат и да ја претставуваат Македонија на светската сцена.

Но, за многумина, MOS е многу повеќе од натпревар. Тоа е почеток на професионален пат, мотивација за понатамошен развој и искуство што остава траен белег.

Тоа најдобро го потврдуваат приказните на поранешните учесници Јорданчо Ефтимов и Ана Марија Атанасовска, кои денес градат успешни кариери во IT индустријата.

Јорданчо Ефтимов учествувал на MOS натпреварот во 2018 година, кога имал 18 години.

Главната мотивација за пријавување, како што вели, била можноста да настапи на светското финале во САД.

„Конкуренцијата беше многу мотивирачка и постојано ме поттикнуваше да напредувам и да се стремам кон првото место. Задачите беа интересни и бараа логичко размислување за да се постигне добар резултат“, вели Ефтимов.

За него, светското финале во Флорида било едно од најзначајните искуства во животот.

„Имав огромна желба и мотивација да ја претставам Македонија во најдобро светло. Пријателствата што ги стекнав таму се нешто посебно, а самата посета на САД е незаборавно искуство“, додава тој.

Денес Јорданчо е CTO (Chief Technology Officer) во инвестицискиот фонд Prime Capital, а воедно е и експерт од индустријата на ФИНКИ, каде учествува во подготовка на лабораториски вежби и испитни задачи. Според него, токму MOS натпреварот било едно од искуствата што го насочиле кон IT секторот и го мотивирале да стане софтверски инженер.

„Ова искуство е едно од клучните кои ме насочија кон IT секторот и ме поттикнаа да станам софтверски инженер. Тоа е одлука за која сум навистина благодарен“, истакнува Ефтимов.

Слична е и приказната на Ана Марија Атанасовска, која учествувала во 2019 година на 17-годишна возраст. Нејзината почетна мотивација била едноставна – да ги тестира сопствените вештини.

„Бев љубопитна на кое ниво се моите вештини, особено затоа што често подготвував презентации како ученик“, вели таа.

По националниот натпревар, со поддршка од Семос Едукација, Ана Марија се подготвувала за светското финале во Њујорк, каде се натпреварувала со учесници од 57 земји и освоила сребрен медал.

„Беше голема чест да ја претставувам нашата земја. Предизвиците беа интересни и бараа напредно познавање на Microsoft PowerPoint“, истакнува Атанасовска.

Таа додава дека стекнатите дигитални вештини ѝ биле од огромна корист за време на студиите, но и во професионалниот развој.

„Мислам дека секоја дигитална вештина и знаење позитивно влијаат на кариерата и образованието, особено во ова време на дигитализација и вештачка интелигенција“, вели таа.

По натпреварот, Ана Марија ги продолжила студиите на ФИНКИ, а денес работи како софтверски инженер во Google.

Приказните на Јорданчо и Ана Марија се доказ дека MOS не е само натпревар за тестирање на дигитални вештини, туку можност младите да стекнат самодоверба, меѓународно искуство и насока за својата иднина.

Пријавувањето за MOS натпреварот е во тек, а сите заинтересирани ученици и студенти можат да добијат повеќе информации на mosnatprevar.mk.