Книга за Матеја Матевски од Георги Старделов


По повод 90-годишнината од раѓањето на академик Георги Старделов, „Матица македонска“ ја објави неговата книга „Раѓањето на трагедијата – поезијата и поетското искуство на Матеја Матевски“.

Во своето најново критичко-есеистичко дело авторот го анализира и вреднува богатиот поетски опус на познатиот писател, еден од најпреведуваните македонски автори во светот  и добитник на престижни национални и меѓународни награди.

Старделов во уводот нагласува дека книгава ја финализирал во истиот час кога почнал да ја чита мемоарската книга на Матеја Матевски „Записи по сеќавање“, а ја завршил пред смртта на поетот.

-За мене, ваквата животна и книжевна ситуација беше нешто сосема ново и единствено. Јас ги читав сеќавањата на нашиот поет и преку нив ја читав неговата поезија, ги слушав неговите сеќавања и врз нив го гледав и проследував неговиот живот во поезијата и поезијата во неговиот живот, вели Старделов.

Георги Старделов (Гевгелија,1930) е филозоф, естетичар, есеист, литературен критичар и антологичар. Автор е на богат критичко-есеистички и научен опус, за кој е добитник на бројни признанија, меѓу кои на државната награда „11 Октомври“, како и на наградите „13 Ноември“ на Град Скопје, „Кочо Рацин“ за најдобра книга на годината, „Димитар Митрев“ за најдобра критичко-есеистичка книга, и на повеќе странски признанија.

Беше претседател на МАНУ од 2008 до 2011 година, а во оваа највисока научна институција го раководи макропроектот „Историја на културата на Македонија“ од кој во негова редакција се објавени 28 тома.