Ќерката на Стив Џобс ја објави првата фотографија со сопругот и откри чија венчаница носеше

Во ексклузивниот хотел „Сохо Фармхаус“ во Котсволдс, Англија, пред членовите на семејството и бројните познати гости, Ив Џобс, најмладата ќерка на Стив Џобс, и нејзиниот избраник – британскиот олимпиец Хари Чарлс – го кажаа своето судбоносно „да“ минатиот викенд. Младенците славеа со своите гости четири дена, главната прослава беше на 26 јули, а целата организација ги чинеше околу 6 милиони евра, според проценките. Околу десет дена откако официјално станаа сопружници, Ив ја објави првата фотографија од свадбата на својот Инстаграм профил и им се заблагодари на сите што го претворија нивниот најважен ден во бајка, а во таа прилика откри и чија креација ја носеше за време на заветите.
Невестата, всушност, блескаше во спектакуларна венчаница од модната куќа „Живанши“, која зрачи со безвременска елеганција и префинет минимализам. Фустанот е прилагоден според телото, нагласувајќи ја женствената силуета со префинети, мазни линии. Горниот дел е украсен со дискретен корсет со квадратно деколте кое елегантно го врамува лицето и рамената, додека целата креација е покриена со нежни, рачно нанесени детали од чипка. Долг, малку лелеав вел со дискретен раб од чипка ѝ даваше на целата креација дополнителна доза на драма и романса. Косата ѝ беше собрана во ниска пунџа, што дополнително ја нагласуваше елеганцијата и минималистичката естетика на целиот стил.
Четири дена прослава
„Ние сме во брак!!! Имавме најмагична недела славејќи… благодарам на сите што придонесоа за нашиот сон…“, ја започна својата објава Ив, а потоа продолжи: „Благодарност до Стенли и целиот негов тим – ги остваривте нашите најлуди свадбени соништа, и тоа со толку многу љубов и грижа. Благодарност до Сара, Џуди, Камила и целиот ваш тим во Живанши – благодариме што создадовте венчаница од бајка. Вашата љубезност, топлина и брилијантност го направија целиот процес магичен. Благодарност до Крег, Стас, Дарен и Стивен – благодариме што ги доловивте ваквите магични моменти, ќе ги негуваме засекогаш. И конечно, благодарност до нашите родители, деверуши, куми, Анита, Карл, Џони и Хедер, Рути и целиот тим во Ривер Кафе – ништо од ова не би било можно без вас. Ве сакаме многу!!! Со љубов, Ив и Хари“, пишуваше во објавата.
Патем, целата свадба ја организираше познатиот организатор на настани Стенли Гати, што не е изненадувачки бидејќи сè мораше да помине – беспрекорно. Луксузниот приватен клуб во Оксфордшир, каде што младенците славеа со своите гости, е омилен кај познати личности од А-листата – дури и Меган Маркл организираше моминска забава таму, а тоа е омилено место на општествената елита за интимни настани, сместено во идилична околина од британска природа до која не е лесно да се пристапи за непоканети гости.
Ева и Хари се запознале преку светот на коњичките спортови, двајцата се успешни натпреварувачи во скокови во пречки. Хари Чарлс, син на познатиот британски олимпиец Питер Чарлс, го запечати својот статус на врвен спортист со освојување на златото на Олимписките игри во Париз во 2024 година.