Ќе се откријат ли корените на злосторството што ја потресе нацијата?

Истрагата за случајот на двете ладнокрви убиства, кој ја фрли во голема тага нацијата, треба да се продлабочи кон откривање на корените на злосторството, на неговите поддржувачи и поттикнувачи


Кога се објави веста за исчезнатата тинејџерка Вања Ѓорчевска, целата нација се обедини во грижата за неа и се вклучи во порагата. Немаше човек што не стравуваше од нешто страшно да не се случи, ниту некој што не нудеше свои совети и повици за пронаоѓање и спасување на девојката или за нејзино појавување, ако самата  се имаше скриено и побегнато од нешто или од некого.

Бевме обединети во грижата, во потрагата и во надежта. Бевме обединети во исчекувањето расплет.

Кога  полицијата ја сопшти веста за нејзиното убиство, немаше човек во земјава кој не беше шокиран од монструозното злосторство. Земјата ја преплавија три силни емоции.

Прво голема тага. Потоа страв и на крајот гнев.

ТАГА

Сите потонавме прво во тага.
Со убиството како да згасна голема надеж.
Без прогласување на ден на жалост нацијата се обедини во тагата за личност кој до пред киднапирањето никој не ја познаваше. Поцрне Фејсбукот и другите социјални мрежи,телевизиите емитуваа програма со црн флор на екраните, се откажуваа концерти и забави. Сѐ како да запре од монструозноста во еден момент.

Нацијата беше доведена до еден вид колективна депресија. Ни се врати чувството дека „не нѐ бива“, дека сме проколнати и дека сите сме виновни. Малку ни помогна фактот што полицијата брзо го расчисти случајот и беа уапсени осомничените. Ние сме нација и народ кој бргу го губи ентизијазмот и сомодовербата. И тоа е една од последиците на овој грозоморен чин.

СТРАВ

Откако се дозна за монструозноста на чинот, за мотивите, имињата на извршителите завладеа страв кај родителите и децата. Стана јасно дека тоа може да му се случи на секого, дека нема спас од монструмите што шетаат меѓу нас кои  никој не може да ги препознае и да се посомнева во нив. Луѓето почнаа сами да воведуваат дополнително препазливи мерки, да ги предупредуват децата и воспитувачите во училиштата. Македонија одеднаш од прилично безбедна земја стана земја со градови во кои „сѐ е можно“.

А последицата од тоа е и појавата на параноја. Гледање, па и пријавување на обиди за киднапирање деца на различни локации, и издигнување на стравот до ниво на болест и лажни пријавувања.

ГНЕВ

По откривањето на поединостите од извршеното злосторство, мотивите и осомничените извршители кои сами го признаа делото, во нацијата се роди гневот пред сѐ кон нив, но и кон сите оние, од полицијата и судството до казнената политика, кои не успеале да го спречат.

Голем број граѓани бараа одмазда, ако може линч на монструмите, воведување смртна казна, а некои во затворите ја земаа и правдата во свои раце,.

Реакцијата беше предизвикана од стравот дека и вакви злосторници може да  побегнат од правдата, дека благите закони не нѐ заштитуваат од грозни злосторства и дека ова е повод да се заостри одговорноста на сите надлежни и казнената политика.

Во време на национален гнев е тешко да зборуваш за праведно судење и нешто во одбрана на сторителите на такво злоторство.

Сите политички партии со денови упорно повторуваа дека во најмала рака е непристојно, но  и штетно и нехумано оваа лична трагедија на едно семејството и вакво злосторство да се политизира и користи за политички цели и меѓусебни обвинувања. Но сепак не издржаа долго за тоа да им стане главна тема во нивните меѓусебни обвинување и битката за политички поени.

Расплет и последици

Уште првиот ден, низ некои портали, се посеаја соменавања дека сторителите се веројатно од друга националност, како во случајот со Смилковското езеро, со цел да се предизика меѓуетнички конфликт. За среќа, полицијата извонредно бргу го расветли случајот и ги откри сторителите, со што спречи таквите шпекулации да направат голема штета и да доведат до конфликти и зголемувањето на омразата врз етнички и религиозни основи. Но оние што ширеа такви вести останаа неоткриени и неказнети.

Следниот одбид за разнишување на довербата во полицијата беше приказната дека сторителите биле познати пред одржување на самитот на ОБСЕ во Скопје, ама биле криени од јавноста за да не му предизвикаат штета на самитот. Но и тоа се покажа како лажна вест. И тие останаа неказнети.

Следуваа и натаму  исто така обвинувања дека полицијата, наводно, можела да го спречи злосторот ама не постапувала како што треба и тој се случил заради нејзината немарност и непрофесионалност.

А во рамките на општата критика кон судството, амерканската амбасодарка во земјата изјави и дека вина за ова злосторство носат институциите што не ги апселе и казнувале злосторниците што ѝ биле познати, пред да го извршат овој злостор, и дека во таа смисла и инстутуциите носат вина за вакви случувања.

Не изостанаа секако и конспиративните теории според кои киднапирањето и убиството били порачани од странски сили со цел пред самотот на ОБСЕ во Скопје да предизвикат дестабилизација на земјата.

И додека власта со право нагласуваше дека, сепак, имавме среќа што во овој случај, кој го водеше општеството во депресија и страв, полицијата брзо го расчисти случајот и ги откри виновниците, и дека за тоа заслужува пофалби со обвнителството за својата професионалнот, опозицијата не пропушта за оваа трагедија да ја држи на обвинителна клупа власта.

Обично се вели дека криминалците немаат вера, етничка или политичка припадност и дека треба да бидат третирани само како криминалци.

Но бидејќи првообвинетиот за овој злостор бил некогаш висок функционер на СДСМ, подоцна соработувал со ВМРО-ДПМНЕ и во моментот на злосторството е лидер на проруската партија Десна, па соработувал со некои лица од некогашните безбедносни служби и слично, случајот кој нѐ обедини во тагата, стравот и гневот  станува политички трилер за цедење низ медиумите и меѓусебно обвинување на тема: „Кој ги создава монструмите во нашето општество“.

За некои тоа е „длабоката држава“. За други неспособноста на сегашната власт. А за трети легализацијата и оправдувањето на насилството од страна на радикалните струи во земјава кои тоа го започнаа со насилното исфрлање на пратениците на СДСМ од Собранието во 2012 година, па продолжија со насилниот упад во Собранието и обидот за убиство на пратеници во 2017 година и со низа други насилни чинови во политиката и општеството што не ги осудуваат.

Иако од таква дебата може општетеството да извлече некаква поука и да излезе поздраво, и дека секој од споменатите актери може да го преземе својот дел од одговорноста, се чини дека како и до сега сѐ ќе остане само на префрлање на одговорноста. Затоа ќе биде потребно истрагата за овој случај да се продлабочи кон откривање на корените на злосторството, на неговите поддржувачи и поттикнувачи,  и да не остави простор за насилство од било кој вид во општетсвото.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)