Ќе ја исправи ли Уставен суд неправдата кон 12 илјади македонски пензионери во странство
Со тоа што ги исклучи од зголемувањето на пензиите ПИОМ заштедува 30 милиони денари. Оние пензионери кои живеат во странство се како граѓани од втор ред

Уставниот суд во рамки на примените иницијативи минатиот месец, оформи и три предмети кои што се однесуваат на оцена на уставноста на законските измени за пензиското и инвалидско осигурување со кои пензионерите кои што живеат во странство нема да ги добијат најавените зголемувања на пензиите, како актуелното од два пати по илјада денари, така и претходното во март годинава, кога беа и донесени оспорените измени. Тогаш, при донесувањето на измените во Собранието реагираше и опозицијата. Според иницијаторите, законското решение е неуставно и дискриминаторско кон македонски државјани кои го оствариле правото на пензија, но се надвор од земјата.
Станува збор за три одделни иницијативи поднесени од Љубомир Сандевски, Илија Ивановски и Темелко Ристески.
Во првата, како што извести Уставниот суд, подносителот на иницијативата тврди дека со оспорените измени се врши дискриминација и трајно финансиско оштетување на осигурениците на Фондот на ПИОСМ кои се државјани на Република Северна Македонија и на кои пензиите им се исплаќаат надвор од државата, бидејќи нема да го добиваат редовното усогласување на пензиите во иднина, вклучително и усогласувањето на пензиите од март 2025 година.
Се наведува дека државата го ускратува стекнатото право и своеволно без уставна надлежност Собранието ги донело измените кои прават дискриминација и категоризација на пензионери кои пензиите ги примаат во Македонија и пензионери кои живеат надвор од државата, без да се земе предвид фактот дека пензиите се стекнати врз основа на придонесите кои ги уплаќале во текот на работниот век, а не според географската локација каде што ги примаат пензиите.
Од Уставен суд посочуваат дека е оспорен делот во кој што се вели „и кои се исплаќаат во Република Северна Македонија“ од член 18 став од Закон за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (објавен на 18 септември 2024 година во ‘Службен весник на Република Северна Македонија бр.139/24′) и делот „на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија’ од член 3 од Законот за изменување и диполнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување објавен во ‘Службен весник на Република Северна Македонија бр.75“.
Втората иницијатива, на Илија Ивановски посочува дека измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување произведуваат нееднаквост и дискриминација на пензионерите кои ја примаат пензијата надвор од државата.
Надвор од оваа иницијатива е оспорен Член 1 во делот „во член 37 став 1 по зборот ‘врши’ се додаваат зборовите: на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија“ и член 3 во делот „во член 18 во ставот 3 по зборовите ’28 февруари 2025 година’ се додаваат зборовите ‘и кои се исплаќаат во Република Северна Македонија’“.
Третата иницијатива, подносителот Темелко Ристески наведува дека со оспорените делови се повредени членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 27 став 2, членот 35 став 1 и членот 51 од Уставот.
„Се тврди дека со додадените одредби се создава нееднаквост меѓу пензионерите, бидејќи иако имаат ист ‘статус’ на пензионери, сепак се оневозможува усогласувањето да се применува за сите поеднакво. Подносителот тврди дека на овој начин индиректно се ограничува слободата на движење на околу 12 000 пензионери, како едно од уставно гарантирани права“, соопшти Уставниот суд.
Инаку, на овој проблем беше укажано уште кон крајот на март годинава, при донесување на законските измени во Собранието. Со тогашните измени, практично околу 12 илјади македонски граѓани останаа без зголемувањето од 2.500 денари, односно без вториот дел од покачувањето кое што го вети ВМРО-ДПМНЕ пред последните парламентарни извбори и кое што имаше големо влијание вр придобивање на пензионерсдките гласови. Со тоа, ПИОМ месечно заштеди 30 милиони денари (487 илјади евра). До новото зголемување на пензиите по шест месеци тоа ќе изнесува големи три милиони евра. Во исто време, овие пензионери се претставени како граѓани од втор ред. За нив никогаш не може да има зголемување или усогласување на пензиите.
Пратеничката на СДСМ Јованка Тренчевска тогаш забележа дека примателите на пензии кои го стекнале правото на пензија во државата, но пензијата им се исплаќа во друга држава се исклучуваат од можноста за усогласување на пензиите.
Таа посочи дека пензионери кои оствариле такво право се 9.981 лице и уште 2.000 кои во моментот се исклучени поради доставувањето потврда за живот или вкупно околу 12.000. Најголем дел од нив, односно 5.737 лица се од Србија, во Косово има околу 1.000, а останатите се во други 30 држави. На сите заедничко им е што работеле во Македонија, плаќале придонеси и го оствариле правото на пензија во земјава. Тоа се лица кои согласно ратификуваните меѓународни договори оствариле право на пензија со збир на стаж во двете договорни страни односно во Македонија и земјата со која имаме потпишано договор за социјално осигурување и каде што им се исплаќаат пензиите, истакна Тренчевска.
Со измените, нагласи, им се скратува можност за усогласување на пензиите не само сега во март, тука засекогаш, односно дека ќе останат се додека ја примаат пензијата со вредноста која во овој момент ја добивале.
Таа предупреди дека на овој начин им се дава можност на државите со кои имаме потпишано договори за социјално осигурување истото да го направат и за наши граѓани кои работеле во некоја од нив, а во своите пензионерски денови решиле да се вратат во Македонија.
„Македонија има потпишано и ратификувано договори за социјално осигурување со сите земји во кои се исплаќаат пензиите на овие 12.000 граѓани. И во најголем дел од нив постои одредба со која се овозможува еднаков третман на граѓаните во двете земји на договорните страни, односно и дека при примената на правните прописи на една договорна страна ќе бидат изедначени државјаните од друга договорна страна, кои остваруваат одредено право согласно договорот, особено се истакнува во делот на пензиите“, рече Тренчевска.
Пензионерите што живеат во странство и на кои македонските пензии им се исплаќаат во земјата во која што живеат, односно престојуваат го добија само првото покачување од 2.500 денари од септември 2024 година.
Тие останаа без второто покачување од 2.500 денари во април 2025 година, а како што стојат работите, нема да го добијат ниту линеарното зголемување на пензиите од 1.000 денари во септември 2025 и во март 2026 година. Од Фондот за пензиско и инвалидско оосигурување велат дека тие ги почитуваат одлуките на надлежните институции и ги исплаќаат пензиите според законските решенија. (Н.В.)
На истата тема:
Од усогласување на пензиите ќе бидат исклучени 12.000 лица, вели опозицијата