Ќе изигра ли Мицкоски на овие избори како Заев во 2014 година?


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уште не открива дали ќе биде на кандидатските листи или ќе се задоволи со неговата омилена идеја за шпицен кандидат

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реши да тактизира до последен момент. За разлика од  лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за кого од почеток беше извесно дека ќе се кандидира повторно за носител на листа во четвртата изборна единица, за Мицкоски и на неколку дена пред истекот на рокот за доставување на кандидатурите во ДИК останува неизвесно дали ќе биде директен учесник на претстојните избори.

За Мицкоски ова се први парламентарни избори од доаѓањето на чело на ВМРО-ДПМНЕ, набрзо по локалните избори во 2017 година. Заев, пак, третпат откако го презема кормилото на СДСМ излегува на парламентарни избори, но првпат од позиција на власт.

Прв тест за Заев беа парламентарните избори во 2014 година, кои се одржаа паралелно со вториот круг од петтите претседателски избори. За актуелниот лидер на СДСМ, кој уште од 2008 година е носител на листата во „струмичката“ изборна единица, тоа беа први и последни избори оттогаш досега на кои тој не се појави како кандидат за пратеник. Изборите во април  2014 година претставуваа увертира во големата политичка криза во земјава, тогаш опозицискиот СДСМ не ги призна ниту парламентарните, ниту претседателските избори и подолго од една година го бојкотираше Собранието. Тогашните пратеници на СДСМ ги презедоа мандатите дури во септември 2015 година, откако беше постигнат договорот од Пржино.

На неодамнешното ТВ-соочување со Мицкоски, Заев призна дека во 2014 година била направена лоша проценка и дека се покажала како погрешна одлуката највиското раководство на СДСМ да се изземе од кандидатските листи, со што се испрати и порака за релативизирање на одговорноста за изборниот исход. Заев, всушност, потсети на оваа изборна епизода откако Мицкоски ја афирмира повторно идејата за т.н. шпицен кандидат, односно за кандидат за премиер кој не би се кандидирал за пратеник, а во случај на пораз на изборите би заминал од политичката сцена. Сепак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ остави простор партиските тела да донесат поинаква одлука која би значела и негово директно учество во изборната трка – како носител или евентуално само како кандидат на одредена листа.

За разлика од мистеријата околу Мицкоски, неофицијалните информации говорат дека е речиси извесно оти на списокот на носители на листите на ВМРО-ДПМНЕ ќе се најдат двајцата најблиски соработници на партискиот лидер – потпретседателот на  партијата Владо Мисајловски и генералниот секретар Игор Јанушев. Со оглед на тоа што тие потекнуваат од втората (Ѓорче Петров) и од третата (Велес) изборна единица се очекува и таму да бидат на чело на листите, покрај тоа што веќе подолго време се редовно активни токму во општини во составот на овие изборни региони. Од соработниците на Мицкоски со подолг стаж во ВМРО-ДПМНЕ како носители или барем како кандидати во добитните комбинации се спомнуваат Владимир Ѓорчев и Александар Николоски.

Во игра за високи позиции на листите на ВМРО-ДПМНЕ  се и две жени: Гордана Силјановска-Давкова се споменува како можна носителка на листата во Првата изборна единица, каде што на изборите во декември 2016 година носител на листата на СДСМ беше актуелниот претседател Стево Пендаровски. Во игра за висока позиција е и Рашела Мизрахи, чие искуство со разрешувањето од министерската функција поради таблата со старото уставно име на државата, според оценки во партиски кругови, се покажало како „адут“, со оглед на засилените напади на ВМРО-ДПМНЕ на Преспанскиот договор, што се очекува да доминира и како тема во изборната кампања.

Мизрахи, всушност, се смета за претставничка на „новото“ лоби-крило  во ВМРО-ДПМНЕ, кое според неофицијални информации, има логистка од експретседателот Ѓорге Иванов. Тоа крило, како што неофицијално се посочува, ги собра речиси сите функции во техничката влада, така што доволно е да се спомне дека актуелниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев беше директор на Агенцијата за разузнавање во времето кога таа беше под надлежност на Иванов како шеф на државата. Полковникот Драган Ковачки, кого ВМРО-ДПМНЕ прв го предложи за технички министер за внатрешни работи, беше меѓу воените лица што Иванов ги унапреди откако беа распишани ланските претседателски избори, по што Пендаровски ги поништи решенијата.

Мицкоски објави дека ВМРО-ДПМНЕ во вторник ќе ги затвори листите за изборите на 12 април, а во среда ќе ги промовира на јавен настан. Тој во неколку пригоди посочи дека на листите ќе има многу нови лица, но и дел од искусните кадри.

Рокот за доставување на листите во ДИК истекува следниот четврток на полноќ. СДСМ ќе ги промовира своите листи пред ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа што партискиот конгрес ќе заседава в понеделник попладне. Носителите на листи на СДСМ се очекува да бидат утврдени в недела, по што ќе треба да бидат одобрени и од делегатите на партискиот конгрес. Покрај Заев во четвртата ИЕ, се чини извесна и кандидатурата на Билал Касами од Беса на чело на листата на коалицијата со СДСМ во шестата изборна единица. За другите четири изборни единици, во комбинација за носители на листи се  и техничкиот премиер Оливер Спасовски (во втората изборна единица) и генералниот секретар Љупчо Николовски (во третата изборна единица).  Од министрите како можни носители се споменуваат Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Никола Димитров и Венко Филипче, кои би можеле да влезат во комбинација како двојки на чело на листите во одредени  изборни региони, согласно со новиот концепт што го најави Заев за еднаква родова застапеност во однос на кандидатурите за пратеници.

Останува неизвесно каков ќе биде распоредот на сили на листите на владејачката партија, со оглед на проширувањето на коалицијата на СДСМ, односно колкав дел од „колачот“ ќе добие секој од партнерите. Заев најави и можни разговори со ДПА за приклучување кон блокот кој на овие избори, очигледно, ќе форсира граѓански концепт и граѓански теми, со акцент на достигнувањата во процесот на евроатлантската интеграција наспроти кампањата на политичката десница насочена во голем дел кон оспорување на Преспанскиот договор. Според Заев, во прелиминарниот процес на внатрепартиско номинирање во игра биле околу 2.000 можни кандидати за пратеници, за по првата селекција да останат околу 1.000 кои се под „лупа“ на комисија за селекција, составена и од надворешни експерти од земјава и од странство.

Што се однесува до албанскиот блок, и на овие избори главната битка ќе се води во шестата изборна единица, Таму, покрај Касами, се очекува носител на листата на ДУИ повторно да биде партискиот лидер Али Ахмети. Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, иако е стружанец (од петтата изборна единица) и на овие избори ќе биде носител во „шестката“, сега поддржан и од Алтернатива на Африм Гаши.  (Н.В.)