Ќе имаме најбрзо интегрирање во ЕУ, тврди Ковачевски


 

Премиерот Димитар Ковачевски е убеден дека Македонија со најбрзо можно темпо ќе се интегрира во ЕУ затоа што земјава има капацитет да го направи тоа. „Јас сум човек кој верува во капацитетот на нашиот народ, ние сме потврдиле низ историјата дека можеме да носиме и тешки и големи одлуки, меѓутоа дека сме и вреден народ. Имавме најбрзо интегрирање во НАТО и сметам дека ќе имаме најбрзо интегрирање и во ЕУ“, рече тој во интервју за Канал 5.

Ковачевски нагласи дека само во последниве неколку месеци државата успеала да реши две крупни стратешки прашања. „Првото прашање беше признавањето на автокефалноста на МПЦ и примање во канонско единство со другите православни цркви. Втората одлука е отпочнувањето на преговорите со Европската унија која ја донесе Собранието. Во преговарачка рамка и во сите други документи се заштитени македонскиот јазик, нашиот идентитет, посебноста. Сите оние прашања кои се однесуваат на билатерални односи со соседите, пред сè мислам на Република Бугарија и Република Грција, се одвиваат на билатерално ниво и не се дел од преговарачкиот процес. Тоа беше потврдено и од страна на претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен и потпретседателот Борел, со јасно искажани ставови дека македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка и дека ќе биде еден од официјалните јазици на ЕУ дента кога ќе влеземе во Унијата“, рече премиерот.

За него одржување референдум ќе биде само враќање назад и правење трошоци. Според Ковачевски референдумот е единствено за внатрешна политичка употреба на две партии. „Има само две политички партии кои се против членството во ЕУ, тоа се ВМРО–ДПМНЕ и Левица кои не ги ни поддржаа заклучоците во Собранието“, нагласи премиерот.