ДУИ го победи ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница. Аркин Јахији нов градоначалник
Гласањето во мешаната општина генерално беше по етничка линија. Досега градоначалник на општината беше од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ го доживеа првиот пораз по подолго време и тоа на изборите за градоначалник на Брвеница. Победник во вториот круг на изборите е Аркин Јахији од ДУИ, кој беше кандидат на Националната алијанса за интеграција.
Резултатот е тесен: За Аркин Јахији гласале 4.442 лица, а за Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ 4.177. Во проценти тоа изнесува 50,36 на 47,36.
Излезноста на изборите беше рекордна – 53 отсто во 18,30 часот.
Во првиот круг Радичевски освои 2.945, а Јахији 2.152 гласови. Јахији успеа да ја удвои поддршката за себе, додека на Радичевски му успеа за 50 проценти. Излезноста тогаш во 18,30 часот беше 44,5 проценти.
Кога ДИК почна да ги објавува резултатите, главно од местата каде што најмногу живеат Македонци (како големото село Брвеница) разликата изгледаше недостижна – таа беше и до 2.500 гласови. Но подоцна работата со објавувањето на резултатите од секое натамошно избирачко место каде живеат во големо мнозинство Албанци, особено од Челопек, разликата брзо се намалуваше. И предноста на Стојанчо Радичевски се истопи.
Владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ вложи огромни ресурси во кампањата за вториот круг. Во петокот целата владина структура и други партиски функционери од коалицисиките партии дојдоа со Христијан Мицкоски на последниот митинг во Брвеница. Но се испостави дека тоа е недоволно за победа.
Очигледно дека во најголема мерка гласањето беше по етничка линија. И невидливо за македонскиот дел од јавноста ДУИ, Алијансата за Албанците, а според резултатите изгледа и Вреди, вложија огромни напори да го мотивираат нивното гласачко тело да се појави на изборите. И оваа мешана општина важи за иселеничка, особено селата каде што живеат Албанци. Некои од нив се вратија да гласаат на изборите, некои од нив кои останаа дома на првиот круг излегоа на изборните места.
Уште пред ДИК да ги објави конечните резултати (недостигаа од пет-шест избирачки места, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ убедливо водеше) се јави генералниот секретар на владејачката партија, Драган Ковачки, да објави дека тие ги загубиле изборите во Брвеница и обвини дека многу луѓе дошле од надвор да гласаат.
„Би сакал да им честитам на противниците кои остварија победа во овој изборен циклус. Некогаш против бројките не се може. Успеаја да донесат доволно луѓе однадвор кои не живеат тука, туку надвор од државата, но гласаа за ДУИ“, изјави Ковачки.
Претходно, веднаш по затворањето на избирачките места влијателната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, која е од Гостивар, Дафина Стојаноска, во гостувањето на Сител кажа тешки обвинувања за коалицискиот партнер Вреди дека бил Тројански коњ на изборите во Брвеница затоа што застанал зад кандидатот на ДУИ. А не зад кандидатот од владината коалиција, Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Овој пат немаше брза реакција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е на пат во германската покраина Северна Рајна Вестфалија. Со прес-конференција се јави портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски. Тој ги обвини политичките противници дека се користеле со национализам и повикалеа „гласањето да биде врз основа на етничка припадност, а не врз основа на програма, визија и проекти“.
Тој отиде чекор понатаму од пратеничката Дафина Стојаноска и рече дека и СДСМ и Левица биле Тројански коњ во корист на ДУИ, за да ги трошат гласовите на гласачкото тело.
Нешто подоцна вечерта се јави Мицкоски со објава на фејсбук и рече дека во Брвеница биле „сами против сите“. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг во Брвеница имале раст од 1.300 гласови во однос на парламентарните избори во 2024 (4.177 наспроти 2.835) но ДУИ имаше многу поголем пораст: Тогаш како „Европски фронт“ освои само 1.570 гласови. А сега 4.442.