Славески ја смени плачата: НБМ воведе принудна управа во Алта банка, ограничувања за граѓаните

Уверувањата дека сѐ е во ред со Алта банка во Битола се распрснаа во парчиња. Со одлуката секој граѓанин може да подигне само 10.000 денари неделно


 

За ден-два комплетно се промени ставот на гувернерот Трајко Славески и Народната банка околу одземањето на дозволата за работа на Алта банка во Србија и отворањето стечај. Од уверување дека во Македонија сѐ е во ред, дека Алта банка во Битола е посебен правен субјект кој нема никаква врска со нејзината „мајка“ во Србија за денеска да се стигне до воведување на привремена управа на централната банка со банката од Битола.

Народната банка вчера апелираше до јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации. Граѓаните не им веруваат на таквите апели и започнаа забрзано подигнување на парите од банката.

Гувернерот Трајко Славески денеска се откажа од таквите апели затоа што ситуацијата брзо излезе од негова контрола и објави дека Народната банка денес воведува привремена управа во Алта банка од Битола, а донесе уште една мерка која особено ќе ги погоди граѓаните – ниеден од нив не ќе може да подигне повеќе од 10.000 денари неделно.

„Во насока на заштита на билансот на Алта банка АД Битола и на интересите на нејзините штедачи, Извршниот одбор на Народната банка, на седницата одржана на 1 ноември 2026 година, донесе решение со коешто се воведува администрација во Алта банка АД Битола. Решението е веќе во сила“, соопшти Славески.

Тој нагласи дека мерката е привремена и дека не е воведена поради нарушена финансиска состојба на банката во Битола, туку поради случувањата поврзани со нејзиниот акционер во Белград.

Славески рече дека при определувањето на лимитот се воделе од проценката за секојдневните потреби на клиентите, посочувајќи дека просечната плата и пензија во комбинација изнесуваат околу 40.000 денари месечно. Максималното траење на привремените мерки може да трае три месеци.

Гувернерот рече дека Алта банка од Битола е високо капитализирана, ликвидна, има солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди.

Со воведувањето на администрацијата, управувањето со имотот на банката привремено преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка, во рамките на овластувањата определени од нејзиниот Извршен одбор.

За клиентите, најзначајната промена се ограничувањата на плаќањата што ќе важат во наредните денови.

„Во интерес на граѓаните, а со цел извршување на секојдневните плаќања, определен е неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица во износ од 10.000 денари, којшто може да се користи со картичките издадени од банката“, изјави Славески.

Но нема ограничувања за интерните плаќања меѓу сметките на клиентите во рамките на Алта банка, и за физички и за правни лица.

Исплаќањето на кредитите земени од Алта банка останува непроменето. Славески рече дека воведувањето привремена администрација не значи прекин на обврската за отплата на кредитите.

Гувернерот упати апел да не шират ијзави во јавноста кои може да предизвикаат паника и сто тоа да им се наштети на штедачите.Алта банка стана сопственик на Стопанска банка Битола лани. Самото преземање беше прилично контроверзно и имаше сомневања за овој потег. Алта банка во Србија бееше целосно поврзана со владејчкиот режим на Александар Вучиќ. Таа беше деветта по моќност банка во Србија и имаше удел од 2.9 отсто од банкарскиот пазар. Сето тоа траеше до два дена по изборите и големиот пораз на партијата на Вучиќ. Уште во вторникот беше алармирано дека се префрлаат големи пари од Алта Банка во нејзиниот правен субјект во Македонија и во други земји. Славески смируваше дека било нормално пари од „мајката“ да ѝ се префрлаат на „ќерката“ и дека за Алта банка во Македонија немало никаков проблем.

Граѓаните не мислеа така. Па до вчера, како што соопшти Славески, подигнале два милиони евра од сметките. (Н.В.)