Како Алта банка во Србија е ликвидирана преку ноќ и замина во стечај

Повеќето приватни клиенти на Алта се руски државјани кои дојдоа во Србија по војната во Украина. Вицегувернерите на Народната банка повикаа на истрага кај нив


Алта банка се фалеше дека е најброзарстечка банка во Србија

 

По парламентарните избори во неделата, работата во српската централа на Алта банка, до овој понеделник, беше редовна и без никакви промени – според извори од сега веќе непостоечката банка кои инсистираа на анонимност, пишува порталот „Нова економија“.

„Во компанијата се однесуваа како ништо да не се случува. Беше свикан вонреден колегиум каде што објавија дека сè е во ред и дека тврдењата оти од банката се повлекуваат огромни суми пари се само сензационалистички наслови во весниците“, што ги негираше и Народната банка на Србија (НБС), вели изворот на „Нова економија“.

Сепак, од вторникот (27 октомври) внатре во системот почнаа да се појавуваат гласини дека преку менувачницата се исплаќаат повеќемилионски суми во евра и дека Елекстростопанство на Србија префрлило повеќе од 300 милиони динари (пет милиони евра) од својата сметка во Поштенската штедилница.

Сите во Алта банка тој вторник почнуваат да забележуваат дека масовно се повлекуваат пари од сметките.

„Станува збор и за физички и за правни лица, конверзии – дури и конверзии од повеќе милиони долари, со кои луѓето префрлаат пари на сметките на други банки во Србија“, вели изворот на „Нова економија“.

Ситуацијата кулминираше во петокот изутрината (30 октомври), кога тимот на Народната банка упадна во банката. Менаџментот на Алта банка организираше состанок, каде што им кажа на вработените дека сè е во ред.

Истиот ден, и покрај овие уверувања, платата за претходниот месец им беше исплатена однапред, со забелешка дека итно треба да ги префрлат парите на други банкарски сметки, а доколку немаат такви сметки, веднаш да ги отворат.

„Беше прашање дали ќе ги исплатат платите, бидејќи тоа се случуваше додека Народната банка беше внатре. Од фактот дека сè е во ред до паничното префрлање на пари… Прашање е што откри Народната банка кога ни ја одзедоа дозволата за работа преку ноќ“, вели еден од изворите од Алта банка, пренесува „Нова економија“.

Вработените велат дека повеќето приватни клиенти на Алта се всушност руски државјани кои дојдоа во Србија по почетокот на војната во Украина. „Русите имаа огромни суми пари кај нас, и физички и правни лица, засега ќе им бидат исплатени 50.000 евра, што е она што ѝ беше кажано на јавноста“, велат изворите на порталот.

Вицегувернерите на Народната банка на Србија, четворица од нив, го повикаа надлежното јавно обвинителство да ги утврди сите факти поврзани со одземањето на лиценцата за работа на Алта банка.

„Поради одлуката на Извршниот одбор на Народната банка на Србија од 31 октомври 2026 година, за одземање на лиценцата за работа на Алта банка а.д. Белград, бараме од надлежното јавно обвинителство, во согласност со своите законски овластувања, без одлагање да преземе потребни дејствија за да ги утврди сите факти и околности што доведоа до донесување на горенаведената одлука со цел да се заштитат интересите на штедачите на банката, како и евентуалната кривична одговорност на одговорните лица во Народната банка на Србија“, се наведува во соопштението, цитирано од весникот „Данас“.

Вицегувернерите истакнуваат дека за реалната состојба во Алта банка, која драстично отстапува од извештаите што банката ги достави до Народната банка на Србија, дознале дури на вонредната вонредна седница на Извршниот одбор, која беше свикана за петок, 30 октомври 2026 година, навечер.

„Сметаме дека е особено важно да се утврди кога и на кое ниво на управување имало сознанија за забележаните ризици и неправилности, како биле разгледани наодите, експертските проценки и предупредувањата на вработените во надлежните организациски единици, како и дали, врз основа на достапните информации, навремено биле преземени соодветни мерки од надлежноста утврдена со закон“, истакнуваат тие.

Тие исто така истакнуваат дека е потребно да се утврди дали евентуалните пропусти во дејствувањето, вклучително и непреземањето или ненавременото преземање соодветни мерки, се резултат на дејствија или пропусти на одговорни лица што би можеле да претставуваат кривично дело за кое се презема гонење по службена должност.

„Веруваме дека целосното, независно и непристрасно утврдување на сите релевантни факти и евентуалната индивидуална одговорност е од суштинско значење за заштитата на законитоста, институционалниот интегритет на Народната банка на Србија и јавната доверба во финансискиот систем на Република Србија. Стабилноста што граѓаните и економијата ја почувствуваа преку монетарната политика не смее да биде доведена во прашање од пропустите на поединците“.

Соопштението го потпишаа сите вицегувернери на Народната банка на Србија, Жељко Јовиќ, Ана Ивковиќ, Драгана Станиќ и Никола Драгашевиќ.

Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија побарало од Службата за борба против организиран криминал итна проверка на целото работење на Алта банка и околностите што доведоа до одземање на нејзината лиценца за работа, но претходно во вторник, 27 октомври, побара од Народната банка на Србија податоци за сите трансакции на таа банка во странство во претходниот месец.

Тоа барање, како што е наведено во соопштението на обвинителството, следеше по објавите во медиумите и социјалните мрежи за одливот на пари.

На 30 октомври, НБС ги достави до ова обвинителство податоците од кварталните извештаи со кои располага (состојба на 20 септември), додека објави дека ќе може да ги достави податоците за преостанатиот период по 4 ноември.

Потоа, обвинителството побара податоци за конверзијата и одливот на средства од сметките на Алта банка во странство, а на 30 октомври испрати до МВР барање за проверка на работењето на банката и одговорните лица во НБС, во врска со можни трансфери на пари во странство.

Народната банка на Србија поднесе кривична пријава против Алта банка и неколку одговорни лица во таа банка до обвинителството.

Претходно, обвинителката Бојана Савовиќ изјави дека има сознанија дека Јавното обвинителство за организиран криминал веќе има претходно оформен случај во врска со директорот и сопственикот на таа банка.

„Писмо од тоа обвинителство беше испратено до НБС, Дирекцијата за спречување на перење пари, и мислам дека сè вроди со плод“, изјави обвинителката за Н1

Таа додаде дека примерот со Алта банка покажува дека „сè се случува и се урива побрзо отколку што некој очекуваше“, додавајќи дека е „многу задоволна од брзиот развој на настаните“.

„Немам никакви посебни симпатии кон таа банка. Таа банка служеше грубо за перење нелегални пари на оваа земја и не мислам дека некој има емпатија кон неа. Не можете да ја разберете како која било друга банка“, оцени таа за Н1.

Стечајот на банката, која се фалеше дека е најбрзорастечка во Србија, ќе отвори многу други прашања, на кои засега нема одговори. Сепак, некои веќе имаат навестување, бидејќи е речиси незамисливо дека Алта банка, чија судбина е крајно неизвесна, ќе може да го заврши планираното преземање на Адико банка во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, и речиси е сигурно дека ќе мора да бараат нов газда.

Ликвидацијата на Алта банка во Србија внесе голема вознемиреност меѓу граѓаните во македонија, а и во банкарскиот сектор. Алта ја купи Атопанска банка Битола лани, иако имаше многу укажувања во јавноста дека таков чекор е ризичен. Народната банка и гувернерот Трајко Славески го одобрија тој потег. Пред банкоматите во повеќе градови, особено во Битола, вечра се формираа големи редови од граѓани кои вадеа пари стравувајќи што ќе се случува. Народната банка смирува дека одлуката за одземање на дозволата за работа се однесува на работењето на банката во Србија и сама по себе не значи автоматско одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Битола.

Домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка. Народната банка, како надлежен супервизор ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби. Народната банка ги следи и сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност. НБМ апелира до јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации. (Н.В.)

 

СДСМ бара истрага: Алта банка префрла пари во Македонија