Ќе го спаси ли Вучиќ поранешниот израелски диџеј кој му стана политички стратег?
Срулик Ајнхорн сакаше да му направи имиџ на миротворец на српскиот претседател, а успеја само да го зголеми српскиот извоз на оружје во Израел од 1,4 милиони евра во 2023 на над 42 милиони во 2024 година

Од рекламни кампањи што го величат Александар Вучиќ, претставен како „архитект на мирот“, до бродови со муниција испратени во Израел, преку мрежите MAGA, истрагата на БИРН и Хаарец го откри патот на Срулик Ајнхорн, поранешен диџеј што стана крајно десничарски политички стратег.
Во мај 2022 година, Ајнхорн прегледувал онлајн документ што го споделил со Џонатан Урих, тогашен близок советник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Овој документ, првично посветен на Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ, содржел амбициозен план: да се врати имиџот на лидерот во Белград пред американските демократи, западните медиуми и либералната јавност, токму во време кога руската инвазија на Украина ја загрозуваше кревката рамнотежа меѓу Истокот и Западот.мГлавната порака? Да го претстави Александар Вучиќ како миротворец кој ја претвора Србија во дипломатска раскрсница меѓу Русија, Кина, САД, Европската Унија и земјите од Заливот.
Планот предвидуваше објавување позитивни статии преку платформи како Taboola или Outbrain, кампањи со постери во големите западни престолнини и ангажирање писатели да пишуваат ласкави статии. Но, неколку недели подоцна, содржината беше избришана и заменета со нова мисија: да се подобри имиџот на Катар во пресрет на Светското првенство во фудбал во 2022 година, кое емиратот се подготвуваше да го организира.
Документот беше цитиран во истрагата на весникот „Хаарец“, која откри дека роднините на Бенјамин Нетанјаху, вклучувајќи го и Џонатан Урих, добиле средства од Катар за оваа комуникациска операција. Отпечатоците од прсти на Срулик Ајнхорн беа јасно видливи во досието.
Уапсен на 31 март, Џонатан Урих беше ставен во домашен притвор. Што се однесува до Срулик Ајнхорн, тој моментално е надвор од дофат на израелските власти. Тој живее во Белград, каде што во април 2024 година основал консултантска компанија наречена „Инсајт партнерс“, со седиште на истата адреса како и Институтот за политика и економија на Југоисточна Европа (ИПЕСЕ), тинк-тенк со кој претседава Зоран Кораќ, поранешен советник на претседателот Вучиќ и член на одборот на директори на Мировниот центар „Перес“ во Израел.
Но, според заедничката истрага на БИРН и Хаарец, активностите на Срулик Ајнхорн одат многу подалеку од комуникацијата. Висок израелски функционер тврди дека бил посредник за трансфер на српска муниција преку Црна Гора до Израел за време на војната во Газа.
Срулик Ајнхорн, 45, прво се здоби со слава во ноќниот живот во Тел Авив, пред да стане советник за комуникации на министерот за одбрана Авигдор Либерман, добро позната личност на израелската крајна десница. Во 2018 година тој привлече внимание со контроверзно видео во кое Авигдор Либерман користеше селфи стап за да шпионира наводен „терорист“ во бурка.
Во 2019 година се приклучи на предизборниот тим на Бенјамин Нетанјаху и придонесе за четири изборни победи за неговата партија Ликуд, честопати со помош на полемики и лажни обвинувања за измама во арапските заедници.Потоа неговите комуникациски услуги беа извезени во Европа: кај Александар Вучиќ, романскиот опозициски лидер Мирчеа Џоана и црногорскиот премиер Милојко Спајиќ.
Вториот однос се покажа како стратешки кога извозот на српско оружје во Израел експлодираше за време на војната во Газа: од 1,4 милиони евра во 2023 година на над 42 милиони во 2024 година.
БИРН и Хаарец следеа бројни израелски воени летови до и од аеродромот во Белград што се совпаднаа со купувањето оружје, но извори од индустријата за оружје велат дека некои испораки можеби биле извршени по море. Врз основа на два извори, беше потврдено дека Сулрик Ајнхорн го олеснил снабдувањето со муниција преку Црна Гора, искористувајќи ги своите врски со српските и црногорските власти.
Во срцето на системот на Вучиќ
Документите покажуваат дека Срулик Ајнхорн работи за Александар Вучиќ од 2020 година, кога беше фотографиран како ја слави победата на Српската напредна партија (СНП) заедно со премиерката Ана Брнабиќ и министерот за финансии Синиша Мали. Неговиот комуникациски план вклучуваше создавање на „Сала за меѓународна медијација“ во Белград како место за меѓународни преговори, слично на Швајцарија на Балканот.
„Како сојузник и на Западот и на Истокот, одржувајќи пријателски односи со Обединетите Арапски Емирати, Русија, Кина и САД, сосема е природно Србија да игра улога на посредник и да биде домаќин на дипломатски настани насочени кон промовирање на медијацијата меѓу страните во конфликт“, се наведува во документот. Александар Вучиќ веќе ја спомена идејата Белград да биде домаќин на преговори меѓу Русија и Украина.
„Ако некој мисли дека Белград е најдоброто место за преговори, Србија е подготвена да им го понуди тоа на своите руски и украински пријатели“, рече тој кон крајот на март 2022 година.
Србија блеска преку својот претседател
За да се зголеми меѓународниот авторитет на српскиот претседател, во документот се предлагаше тој да биде интервјуиран од ултраконзервативни личности како Џо Роган или Бен Шапиро и да биде прикажан на Тајмс Сквер или на Шанзелизе со слогани како што се: „Хамилтон е добар… но Србија е најбрзорастечката економија на Балканот“, очигледна алузија на познатиот бродвејски мјузикл „Хамилтон“. На друг билборд поставен на фасадата на Галери Лафајет во Париз ќе пишуваше: „Прекрасен ден во Париз; патем, Србија отвори 50 стартапи минатата година“.
Стратегот, исто така, излезе со потенцијални статии за CNN и New York Times со наслови: „Претседателот Вучиќ: Ќе ја направиме Србија светска сила во областа на информатичката технологија“ и „Гугл и Епл ќе основаат центри за развој во Белград“. Фокусот беше ставен и на лобирањето кај Демократската партија на САД на тогашниот претседател Џо Бајден, во време кога Доналд Трамп беше повеќе преокупиран со своите растечки проблеми со законот отколку со претседателската трка во 2024 година. Целта? „Да се зајакне имиџот на Вучиќ во српското јавно мислење преку негово меѓународно признание.“
Накратко, објаснува маркетинг специјалистот Игор Авзнер, да го претвори Александар Вучиќ во персонификација на Србија преку поврзување на неговиот личен престиж со економскиот развој на земјата.
Срулик Ајнхорн не го криеше тоа: во статија објавена во декември 2023 година. „Џерусалим пост“, тој напиша: „Србија блеска преку својот претседател“. Клучната порака: „Новиот меѓународен статус на Србија во ерата на Вучиќ ја трансформира во растечка сила на светската сцена, носејќи политички и економски можности на меѓународно ниво“.
Во март минатата година, Александар Вучиќ беше гостин во подкастот „Triggered“ на Доналд Трамп помладиот, каде што ги нападна студентските протести, кои се најголемиот предизвик за неговите тринаесет години на власт. Најстариот син на Трамп рече дека демонстрантите во Србија се „сите поврзани на ист начин како и левицата во Америка“ и ја пофали земјата за прифаќање на „вредностите на движењето MAGA“.
Потоа, во април, српскиот претседател се појави во подкастот на Марио Навал, самопрогласен „граѓански новинар“, позната личност во X и миленик на Илон Маск. Александар Вучиќ ја искористи можноста да ги опише демонстрантите против него како „богати“ и „лажна елита, незадоволна што не е на власт“.
Во меѓувреме, ѕвездата на Срулик Ајнхорн се чини дека згасна. Тој моментално е баран не само за скандалот „Катаргејт“, туку и затоа што, според „Хаарец“, открил израелски воени документи на германски новинар од „Билд“ со цел да го намали притисокот врз Бенјамин Нетанјаху по убиството на шестмина заложници од страна на Хамас во септември 2024 година. Тој е обвинет и за наводно малтретирање на сведок во случај на корупција во кој е вмешан израелскиот премиер. |(Ле Куриер де Балкан)