„Кина се приближува до нас“, предупредува Столтенберг


Зборувајќи за трупањето воени сили на Пекинг во Јужното Кинеско Море, како и за неговата глобална стратегија за инвестиции во инфраструктурата, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес рече дека „Кина се приближува до нас“ – и тој го кажа како предупредување.

„Ги гледаме во сајбер просторот, ги гледаме во Африка, на Арктикот“, рече Столтенберг. „Исто така, ја гледаме Кина како многу инвестира во нашата сопствена критична инфраструктура и се обидува да ја контролира“.

Столтенберг потврди дека е неопходна соработка со Кина за прашања како што се контролата на оружјето и климатските промени, но предупреди дека „она што го видовме во текот на неколку години е значително воено билдање од страна на Кина, инвестирајќи многу во нови воени можности, вклучително и нуклеарни способности, понапредни системи за оружје“.

Тој, исто така, изрази загриженост за тоа што Кина не ги споделува вредностите на НАТО за човековите права и демократијата, како што е рефлектирано од кршењето на демократските слободи во Хонгконг.

„Сето ова е важно за нашата сопствена безбедност. И ниту една земја, ниту еден континент не може да се справи со ова сам “, рече тој. „Затоа треба да одговориме заедно како сојуз, како НАТО“.

Сепак, Столтенберг се обиде да избегне премногу остар речник кон Кина.

„Ние не влегуваме во нова студена војна со Кина, а Кина не е наш противник, наш непријател“, рече тој. „Но, ние треба да ги решиме како сојуз предизвиците што Кина ги поставува пред нашата безбедност“.