Кина повторно оди на Месечината, ќе направи нешто што ниту една друга земја не го направила


Кина, следната година, планира да испрати вселенско летало на далечната страна на Месечината, односно онаа што никогаш не е свртена кон нас, и да донесе примероци од неа; што би било прв ваков потфат во историјата.

Но, амбициите на кинеската Национална вселенска агенција (CNSA), која има намера да испрати астронаути на Месечината оваа деценија, не завршуваат тука. Имено, во 2026 година планира да ја лансира мисијата Chang’e-7, која треба да собира вредни податоци за изградба на постојана меѓународна истражувачка станица на јужниот пол на Месечината до 2040 година.

Мисијата Chang’e-8 е закажана за 2028 година, за време на која Кина и меѓународните партнери ќе работат заедно на лансирање на вселенски летала и операции во орбитата, ќе вршат „интеракции“ меѓу вселенските летала и заеднички ќе ја истражуваат површината на Месечината. Планира да испрати човечки екипаж на нашиот природен сателит до 2030 година, пишува Си-ен-ен.

Ако овие планови некому му изгледаат премногу амбициозни, треба да се каже дека во 2019 година Кина стана првата земја што лансираше ровер на далечната страна на Месечината, а минатата година ја заврши изградбата на орбиталната вселенска станица Тиангонг.

Мисијата Chang’e-6
„Chang’e-6 ќе ни даде подлабоко разбирање за Месечината следната година. По анализата на примероците од далечната страна, научниците ќе го прошират нашето знаење за Месечината“, објави CSNA минатата недела.

Леталото треба да слета во басенот на Јужниот Пол-Ајткен и таму да собира примероци од прашина и карпи. Далечната страна на Месечината, која не можеме да ја видиме од Земјата, е покриена со кратери, но за разлика од блиската страна, на неа не доминираат големи лунарни мориња; што пак ги збунува научниците.

Лунарните мориња се огромни темни рамнини на Месечината кои на раните астрономи им изгледале како водни тела, па затоа ги нарекувале „мориња“. Тие се потемни од остатокот од површината поради темните базалтни карпи, остатоци од античка вулканска лава.

Вселенското летало Chang’e-6, исто така, ќе носи товар и сателити од четири меѓународни партнери: инструмент за откривање гас од француско производство, детектор за негативни јони на Европската вселенска агенција, италијански ласерски аголен рефлектор за калибрирање на радарски системи и пакистански CubeSat, минијатурен сателит во форма на квадрат.