Кичеец бил учесник во сообраќајката кај Гостивар каде загина едно лице


Четири лица кои се здобиле со потешки повреди во сообраќајната несреќа што се случи на магистралниот пат Кичево-Гостивар во близина на Новоселски гробишта, се пренесени на Клиничкиот Центар во Скопје. Останатите лица се згрижени и им е укажана лекарска грижа.

Во сообраќајната несреќа повредени се вкупно седум лица, а едно лице го загуби животот.

„Непосредно по сообраќајката организиран е тим од медицински персонал кој ги прими повредените во ообраќајната несреќа. Тројца, поради сериозноста на повредите и се во животозагрозувачка состојба, се испратени на скопските клиники. Набрзо за Скопје е испратен уште еден пациент, а останатите тројца коишто биле донесени на Урегентното одделение се медицински згрижени“, изјави за МИА директорот на гостиварската Општа болница „Ферид Мурад”, Јакуп Јакупи.

Меѓу полесно повредените, според болнички извори, е и осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески – Кичеец, кој затворска казна ја издржува во затворот во Струга.

Директорот на затворот во Струга Ваљон Ќуља за МИА изјави дека осудениот Кичеец, на негово барање, бил на прекин на казната од 11 август до 11 септември поради болест на неговата мајка.

ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција изјави дека согласно информациите кои ги поседувале на местото на настанот биле видени и лица дел од Шестата управа, дека цел ден се вршеле притисоци врз лица кои биле сведоци на настанот и медиуми да не изнесуваат информации за сообраќајката.
 
„Власта треба да одговори на јавноста зошто Кичеец е пуштен на слобода и што бараат лица вработени во АНБ на лице место на настанот?“, рече портпаролката на партијата Марија Митева.
 

Според информациите на СВР Тетово, сообраќајната несреќа се случила денеска околу 15 часот и 30 минути. Во неа учествувале три моторни возила: џип „мерцедес”, патничко возило „бмв” и камионет.

Од повредите здобиени при сударот едно лице од камионетот починало на местото на несреќата.

Засега нема информации како дошло до несреќата и што ја предизвикало.

Јавен обвинител и екипа од ОВР Гостивар вршат увид.

Од 15 и 30 часот во прекин е сообраќајот во двете насоки, а според првичните информации тој требаше да се нормализира околу 18:30. Претходно, собраќајот се одвиваше преку локалниот пат за село Церово.