Кенеди: СЗО е институција „на смртна постела“


Американскиот секретар за здравство и социјални политики Роберт Ф. Кенеди Помладиот обраќајќи се на годишната конференција на Светска здравствена организација преку видеопорака наведе дека СЗО е „бирократски надуена“ институција која „е на смртна постела“.

– Ги повикувам министрите за здравство од целиот свет и СЗО да го сфатат нашето повлекување од организацијата како повик за будење. Веќе бевме во контакт со земји со слични размислувања, па затоа ги охрабруваме другите да ја разгледаат можноста да ни се придружат, посочи Кенеди.

Тој додаде дека СЗО е „заглавена во бирократска надуеност вкоренети парадигми, судир на интереси и меѓународна политика на моќ“.

– Не мора да ги трпиме ограничувањата на СЗО, која е на смртна постела. Ајде да создадеме нови институции или да ги преиспитаме постојните, оние што се ефикасни, транспарентни и одговорни, истакна Кенеди.

Првиот ден од вториот претседателски мандат, Доналд Трамп најави дека ќе ги повлече САД од СЗО. Тој ја обвини СЗО дека лошо работела за време на пандемијата со Ковид-19 и за преголема блискост со Кина. СЗО ги негира обвинувањата од американскиот претседател.

Говорот на Кенеди е емитуван неколку часа откако земјите-членки на СЗО усвоија договор што треба да им овозможи поефикасно да се подготват за претстојните пандемии. Договорот гарантира дека при следна пандемија лековите, терапиите и вакцините ќе бидат глобално достапни. Исто така, се бара од производителите што учествуваат во договорот да донираат 20 проценти од своите вакцини, лекови и тестови на СЗО за време на пандемија, со што ќе се обезбеди и посиромашните земји да имаат пристап.