Кавадарци воведе мерки за заштита од загаден воздух
Загаденоста на воздухот ги надмина дозволените прагови поради што градоначалникот на Кавадарци лично во обраќање до граѓаните наведува мерки – препораки кои се однесуваат на сите граѓани и правни лица. Апелира да не се користат автомобили или да се возат повеќе граѓани со едно возило, да не се греат домовите на нееколошки горива, болните и постарите лица да не излегуваат надвор без потреба, како и други мерки. Кавадарци и утрово е еден од градовите со најзагаден воздух во Македонија.
Да се користи јавниот превоз, возила да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користат за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, правилно да се користат печките за дрва. Ова се мерките што денеска ги издадоа од Општина Кавадарци, против загадувањето на воздухот.
„Препораките се донесени согласно известување од Оделение за мониторинг на квалитет на воздух, сектор македонски информативен центар за животна средина при Министерство за животна средина и просторно планирање на РСМ и согласно Уредба за изменување и дополнување на Уредба за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции, во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели, каде е дефиниран прагот на информирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри g/m3(надминување на вредноста од 100 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи“, соопштија од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.
Оттаму потсетија дека во ваков случај и Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје даваат препораки.
„Ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот“, додадоа од кабинетот на Јанчев, во врска со тие препораки.