Кавадарци со повик до земјоделците да пријават штети кај овошки од ниски температури

Општина Кавадарци денеска упати јавен повик до земјоделците да пријават штети кај овошки од ниски температури. Се работи за оштетувања од ниски утрински температури што го зафатија регионот пред неколку дена, а земјоделците се пожалија дека имаат штети кај дрвцата праски, кајсии и бадеми.
– Се повикуваат граѓаните на Општина Кавадарци кои имаат претрпено материјална штета од природна непогода – ниски температури на овошни насади, што го зафати подрачјето на територијата на општината, во деновите 19 и 20 март оваа година, да пријават во просториите на општината, во Граѓански услужен центар, соопштија од кавадаречката локална самоуправа.
Оттаму додадоа дека пријавувањето на штети од ниски утрински температури трае до 18 април. Покрај барањето, пријавите треба да содржат и фотокопија од лична карта, трансакциска сметка и доказ за сопственост на имот, имотен лист не постар од шест месеци, или договор за закуп.