Катица да ја снема од Законот за обвинителство


Фото: Б. Грданоски

Додека ВМРО-ДПМНЕ бара досегашната специјална обвинителка Катица Јанева да биде приведена поради поврзаност со случајот „Рекет“ и со Бојан Јовановски, власта и опозицијата се обидуваат да се договорат како таа да биде изземена од новиот Закон за обвинителство. Тоа е основниот услов без кој опозицијата нема да продолжи да преговара, иако поставени сѐ уште неколку клучни услови за кои ќе мора да се најде решение доколку владејачкото мнозинство сака да стигне до потребното двотретинско мнозинство во Собранието.

Во СДСМ признаваат дека иднината на Јанева е едно од прашањата за кои се преговара, но возвраќаат дека лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ да го оспорува кредибилитетот на Јанева, а за преговарачи да поставува поединци што се под истрага на Специјалното јавно обвинителство, што е доказ колку навистина (не)сакаат да се обезбеди иднина за СЈО.

Мандатот на Јанева истекува во септември годинава. Според Законот што го предлага СДСМ, по истекот на нејзиниот мандат, таа треба да биде распоредена во Републичкото јавно обвинителство што го предводи Љубомир Јовески. Досегашната шефица на СЈО даде оставка дента кога пукна аферата „Рекет“. Иако во медиумите се инсинуира дека и таа била дел од здружението на Боки 13, Обвинителството не ја сомничи.

Всушност, во моментов на одмор се преговарачите од власта и од опозицијата, па до крајот на неделата не се очекуваат драматични пресврти во заплетканите односи и спротиставени ставови во однос на Законот за обвинителство. Владата го достави својот предлог за законот и за него ќе се разговара во парламентот на 27 април, веднаш штом пратениците се вратат од одмор.

„Јасно е дека опозицијата го кочи процесот на преговори и доближување на ставовите за да се донесе закон што навистина ќе испорача правда и до ситуација сите да сме еднакви пред законот. Очекувам колегите од ВМРО-ДПМНЕ да изнајдат сили и во име на правната држава за која што се залагаат, да ги усогласат ставовите со владејачкото мнозинство и да го донесеме законот затоа што е многу важен за афирмирање на европските вредности“, вели пратеничката на СДСМ, Јагода Шахпаска.

Но, шефот на опозицијата и вчера повтори оти нема шанси нивните пратеници да го поддржат законот предложен од власта, освен ако не претрпи битни измени.

„Не можеме да поддржиме закон кој има единствена цел, амнестија на криминалот на Заеви и пресметка со политичките противници од опозицијата. Се согласувам апсолутно со тврдењето дека имплементцијата на правдата зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Добро е што и Зоран Заев и неговите обожаватели сфатија дека за неколку месеци од сега, реалноста ќе биде поинаква во Република Македонија. Со други зборови, Заев не е во состојба да наметнува услови, ниту да диктира темпо, а правдата е потребна затоа што тој и неговите луѓе носат неправда. Секој што се огрешил пред законите и посрамотил пред граѓаните ќе треба да понесе одговорност“, дециден е Мицкоски.

За него е неприфатливо Јанева и „нејзините роднини и пријатели вработени во СЈО“ по сила на закон да бидат префрлени во државното обвинителство.

Според Мискоски, Заев и неговите соработници грешеле многу и затоа сега стокмиле таков Закон за обвинителството за да можат да излезат пред членовите на партискиот Централен комитет и да ги убедуваат оти опозицијата ќе биде под притисок од странците да го прифати.

Во јавноста се шпекулира дека власта подготвува план Б доколку нема компромис со опозицијата и не обезбеди 80 гласа во парламентот. Во тој случај, наводно, ќе биде поставен времен шеф на СЈО до септември 2020 година кога истекува мандатот на целото Обвинителство.

Според предлог-текстот на Законот на СДСМ, сите други членови на СЈО, со целокупниот капацитет, треба да бидат трансферирани во новото Обвинителство кое би требало да го раководи Вилма Русковска.

Ништо од ова не е прифатливо за опозицијата.

Горан Адамовски